- Европската комисија изрече казна од 200 милиони евра за кинеската компанија Тему поради тоа што на европски потрошувачи им продавала „илегални и непроверени“ производи, кои не ги исполнуваат стандардите од Законот за дигитални услуги (DSA).
- Од 2024 година Комисијата спровела истрага со тајни купувања од независна организација за тестирање. Откриено е дека висок процент на полначи за батерии купени преку Тему не ги поминале основните тестови за електрична безбедност.
- Кај голем дел од играчките за бебиња бил утврден среден до висок ризик за безбедноста - содржеле хемикалии над законските ограничувања или имале ситни делови што се опасност од задушување.
- Тему соопшти дека ги почитува целите на DSA и важноста на правилата за дигитална економија, но ја смета казната за „непропорционална“.
- Одлуката на ЕУ му налага на Тему до 28 август да поднесе план како да ги исправи грешките. Ако не ја почитува одлуката, може да се соочи со периодични казни, покрај сегашната од 200 милиони евра.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.