Американските санкции удрија по Хаг

Уште во февруари оваа година администрацијата на Трамп удри со санкции за главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, за да го обесхрабри да буричка по израелските злосторства во Газа, откако беше издадена потерница и по Нетанјаху. Како тоа изгледа? Карим Кан останал без меил, средствата му се замрзнати а некои „силни“ невладини организации сега се плашат и да одговорат не меилови од судот.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд го изгуби пристапот до својата е-пошта, неговите банкарски сметки се замрзнати а на американскиот персонал на судот со седиште во Хаг им било кажано дека доколку патуваат во САД, ризикуваат апсење. 

Некои невладини организации престанале да соработуваат со МКС, луѓе во некои од нив веќе и не им одговараат на меилови.

Трамп го санкционираше судот откако панел судии во ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант. Судиите утврдија дека постои основано сомневање дека извршиле воени злосторства ограничувајќи ја хуманитарната помош и намерно таргетирајќи цивили во војната против Хамас во Газа.

Вработените во трибуналот велат дека санкциите го отежнуваат и основното функционирање на институцијата, не па да трага по правда за жртви на воени злосторства или геноцид.

Американската влада се закани дека секое лице или организација што ќе му обезбеди на Кан финансиска, материјална или технолошка помош може да се соочи со парични казни или затвор. Две организации за човекови права со седиште во САД потврдија дека ја прекинале соработката со МКС а нивниот персонал активно избегнува комуникација со судските службеници, стравувајќи од одмазда на властите, пренесува Викиликс.

На Микрософт не му требало многу убедување да го скине меилот на Кан. Човекот сега е на Протон меил, швајцарски меил провајдер кој држи до својата независност и заштита на приватноста.

Не дека само Трамп и Америка се бахати.

Со оглед на тоа што МКС нема сопствен апарат за спроведување на одлуките, се потпира на земјите-членки. Во последната година, три држави - вклучувајќи две од Европската Унија - одбија да ги извршат налозите издадени од судот.

Некој уште верува дека овој меѓународен поредок е „поредок базиран на вредности“?

18 мај 2025 - 18:34