Колумнист на Тајмс:

Киев можеби нема да издржи до пролет

Претстојната зима може да биде „последнииот чин“ на Зеленски и неговиот отпор кон руската нвазија, пишува надворешно-политичкиот колумнист на Тајмс, Роџер Бојес.  После речиси три години војна, Украина се соочува со сериозен недостаток на средства, уморни сојузници и сè помала волја на Запад да помага против Русите. „Спремете се за мир, нема да биде убав.“ 

Фото: ЕПА

И покрај гласните пораки за поддршка од Брисел и Вашингтон, Бојес пишува дека одбраната на независен Киев има паднато за неколку скалила во западните стратешки приоритети. Урсула фон дер Лајен продолжува да нагласува дека „Европа мора да ги брани своите вредности“, но зад таа реторика, „нема ниту волја ниту пари“.

САД неодамна воведоа нови санкции за руските енергетски гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“ а Украина изврши спектакуларен напад со беспилотни летала врз брана во Белгород. Но, „ништо од тоа не го менува текот на војната“. Санкциите би можеле дури и да ги зголемат цените на нафтата, а украинскиот напад „не е потег на армија што гледа победа на хоризонтот“.

Русија подготвува нова офанзива на источниот фронт а дел од последниот планиран контингент од 350.000 нови војници веќе се обучуваат. Според Бојес, целта е да се отвори источниот фронт, да се ослабат украинските одбранбени линии а потоа да се движи кон централна Украина.

Руската стратегија се базира на исцрпување. Користејќи беспилотни летала и ракети, тие имаат за цел да ја претворат зимата во пекол за Украинците, да ја уништат енергетската инфраструктура и станбените области и да предизвикаат внатрешно незадоволство и притисок врз Зеленски.

Бојес заклучува песимистички: дури и ако војната се одолговлекува уште 150 дена, цената ќе биде „градови полни со луѓе со дрвени нозе и празни ракави, невработени, огорчени на своите лидери“.

„Сакам да не беше така, но бројките не лажат. Нема зимски чуда во Источна Европа. Подгответе се за мир - нема да биде убав“, заклучува „Тајмс“.

31 октомври 2025 - 11:59