Неодамна Њујорк Тајмс објави текст во врска со условите за работа на службениците во Амазон. Излезе дека тоа е компанија каде ненадејните отпуштања се вообичаени, во чии канцеларии возрасни мажи и жени плачат како мали деца, и каде вработените се малтретирани ако не одговориле на мејлови кои им стигнале после полноќ.
Некогаш се подразбираше дека богатите класи уживаат во животот на грбот на пролетеријатот. Денес американскиот професионалец е оној кој е подложен на понижувања.
Никој не претпостави дека работите ќе се одвиваат на овој начин. Британскиот економист Џон Мајнар Кејнс предвидуваше тричасовен работен ден, а во 1964 списанието Лајф посвети фељтон во два дела на епидемијата на премногу слободно време. 50 години подоцна прекумерното легачење не е ни од далеку на повидок - во адвокатски фирми, банки и хај-тек компании работата само се зголемува, до нивоа кои многумина ги сметаат за неиздржливи. Во 2006 веројатноста топ дваесетте проценти од работната сила да работи повеќе од 50 часа неделно била двојно поголема од веројатноста кога се во прашање 20-те проценти на дното, што претставува сосема обратна слика во однос на претходните историски периоди.
Зошто се случува ова е истовремено и мистерија и парадокс. Изминатите педесет години е забележан огромен пораст на продуктивноста, измислени се безброј алатки кои заштедуваат труд, а се случило и масовно навлегување на жените во формалната работна сила. Ако претпоставиме дека до одреден степен постои фиксирано количество работа кое е неопходно за општеството да функционира, тогаш како можеме истовремено да бидеме и попродуктивни, да имаме повеќе вработени, а сè уште да работиме повеќе часови? Нешто мора да е погрешно.
Некои истражувачи на проблемот сметаат дека Американците изгледа дека повеќе сакаат да работат отколку да се одмараат, дека имаат силна работна етика која има врска со честа, особено ако се има факултетска диплома. Да си зафатен значи да си важен. Луѓето на работните места можеби се чувствуваат сакани, добиваат бесплатна храна или одат на конференции како облик на одмор. Други сметаат дека порастот на работните часови има врска со нееднаквоста: додека луѓето на врвот од скалата на приходи заработуваат повеќе пари, секој час којшто го работат станува повреден. А има и теорија според која нашите желби и потреби растат како што повеќе консумираме, што создава уште поголема потреба од работа.
А можеби одговорот и не е толку рационален - зголемените часови работа се можеби само нуспојава на системи и институции кои си имаат сопствен живот, а не служат на ничии посебни интереси. Ова може да се случи доколку некои индустрии едноставно станале џиновски проекти кои ги заробиле своите вработени како во стапица. Ова не може да се случи кај занаетите, кои си имаат некакви внатрешни ограничувања - ако градиш куќа работата завршува кога ќе ја изградиш. Но во службеничката работа количеството труд може бескрајно да се зголемуваа преку генерации лажни нужности. Истовремено фактот што вработените сега се достапни во секое време ја уништува бариерата според која работата се одвива во работно време, во физичка канцеларија. Без ограничувања работата станува како фудбалски натпревар во кој свирчето никако да се огласи.
Лекот? Враќање кон целта на ефикасната работа, исполнување на потребите на општеството со минимум труд, оставајќи ја отворена опцијата за работа како хоби за оние кои толку ја сакаат што не можат без неа.
Неправење ништо нам ни звучи како хоби со кое би можеле полесно да се сродиме.