Една анегдота од домашен терен: на универзитетска професорка ѝ бил даден учебник за рецензирање, но издавачот ги прифаќал забелешките без да ги чита, со едноставен клик на опцијата за автоматско прифаќање на коментарите во Ворд. Но имало и такви кои моралe да се внесат рачно, па откако тоа неколку пати не било сторено таа во коментар им пишала „аман веќе, гледајте што пишува!". Во следната верзија, која не знаеме дали излегла како таква, на тоа место стоело: „Аман веќе, гледајте што пишува!".
И не сме саде ние, и не сме саде тука. Во текст под наслов „Варијација на меланизам и женски преференци во блиски но еколошки одделни околини", кој бил објавен во неодамнешен број на академското списание Етологија, среде пасус во загради стои: „дали да го цитираме глупиот текст на Габор тука?".
Авторот на текстот се оградил од „блуперов", велејќи дека тој дел е додаден од ко-авторот во текот на ревизијата, по добиените коментари од рецензентите. Но издавачот го отстранил текстот велејќи дека ќе го реобјави без спорниот момент.
Добро, и академските граѓани се луѓе и грешат. Ама работата е што барем во тој издавачки свет не постои притисок за објавување како што е тоа случај во дневните весници или на интернет порталите. Додека излезе списанието понекогаш минуваат недели па и месеци, додека завршат сите административни и стручни керефеки.
Па грешки сепак има. Една од апстракт на статија објавена во 2011 во списанието со слободен пристап BMC Systems Biology, вели: „Во оваа студија употребивме (вметни статистички метод тука).." Списанието подоцна се извинило и ја поправило грешката.
Поентата е што овие списанија главно не ги читаат текстовите откако ќе помине главната рецензија, претпоставувајќи дека авторите ги вметнале сугерираните забелешки. Ама, можеби треба, особено ако пишува: „Аман веќе од вакви грешки!".