
Експерименталниот физичар кој учествувал во развојот на атомски часовник што стана клучен дел од глобалниот позиционирачки систем (GPS), Даниел Клепнер, почина во Пало Алто, Калифорнија, на 92-годишна возраст.
Во средината на 1950-тите, за време на престојот на Универзитетот Кембриџ, Клепнер дознал дека можно е да се направи часовник кој би бил доволно прецизен за да ги измери ефектите на гравитацијата врз времето. Заинтригиран, ја прочитал книгата „Нуклеарни моменти“ на Норман Ремзи од 1953 година. Подоцна, при постдипломските студии на Харвард, открил дека Ремзи предава таму и веднаш се приклучил на неговата истражувачка група.
Ремзи ја добил Нобеловата награда во 1989 година за метод кој овозможува мерење на фреквенциите што ги апсорбираат атомите и молекулите. Оваа техника довела до развојот на атомскиот часовник, кој мери осцилации на атоми за екстремно прецизно мерење на времето – на пример, една секунда се дефинира како 9.192.631.770 осцилации на атом на цезиум.
Првиот атомски часовник го изработил Џеролд Закараијас во 1954 година на МИТ. Кога Клепнер се приклучил на лабораторијата на Ремзи, предложил подобрување: ако се задржат атомите подолго време во одреден сад, нивната фреквенција може попрецизно да се измери. Ова водело до развој на тн. масер на водород (нема врска со масер како за масирање) – уред што го изработил заедно со Х. Марк Голденберг и го промовирал во 1962 година, варијанта на ласер. Тој станал суштински уред во прецизното темпирање на комуникациски сигнали, позиционирање на GPS сателити, радиоастрономија и комуникација со длабок вселенски простор.
По докторирањето во 1959 година, Клепнер станал асистент на Харвард, но откако не добил постојано работно место, преминал на МИТ во 1966 година, каде останал до пензионирањето во 2003.
Во 1970-тите, Клепнер се заинтересирал за создавање на Бозе-Ајнштајнов кондензат, редок агрегатен облик на материјата, каде атомите на исклучително ниски температури делуваат како една единствена честичка. Иако првично сметал дека идејата е апсурдна, дал голем придонес на оваа тема. Бил и активен на полето на подучувањето физика - загрижен за недостигот од наставници по овој предмет во училиштата во САД, во 2002 основал летна програма за нивна обука. Исто така, помогнал да се развие напреден курс по физика за студенти на МИТ, за кој со Роберт Коленков ја напишал книгата „Вовед во механика“ (1973). Курсот наводно бил толку тежок што добил прекар „Механика за мазохисти“ (иако наши луѓе коментираат дека е тежок само за разгалени) .
Кога го прашале што им советува на студентите, тој одговорил: „Најважно е како ќе ги избереш проблемите кои ќе ги истражуваш. Мојот совет е – следи го интересот и прави нешто. Ако имаш среќа, тоа ќе те однесе на интересни места.“