Во Австралија од 1940-тите, Макс Харис бил млад генијален поет и писател - харизматичен водач на модернистичко движење во зародиш. Згоден, духовит, извонредно начитан и храбар во дебати, тој со својата интелектуална динамичност и напредни идеи брзо си стекнал непријатели во конзервативната средина на Аделејд.
Како уредник на провокативното списание за литература и уметност Angry Penguins (Лути пингвини), кое се издавалo при Универзитетот, Харис го привлекол вниманието на Џон Рид – правник, интелектуалец и уметнички покровител од Мелбурн. Рид го поканил Харис да ја прошири дејноста, со што Angry Penguins се споил со растечката енергија на новата модернистичка уметност во Австралија, движењето познато како „Хајд“ (Heide Movement).
Жената на Џон, Сандеј Рид, била своевидна „мајка-заштитничка“ на уметниците - ги собирала и поддржувала на нивната фарма „Хајд“, претворајќи ја во интелектуално и уметничко прибежиште полно со книги, слики и сијамски мачки. Гостите се хранеле вегетаријански а од нив се очекувало не само да придонесат во интелектуалните разговори, туку и во домашните обврски. Сандеј потекнувала од богато и конзервативно семејство од Мелбурн, но станала клучен дел од средина што се сметала за авангардна и политички сомнителна.
Традиционалистичка Австралија со негодување ги прифаќала новите идеи и сликарски експерименти на модернистите. За мнозинството од естаблишментот, нивниот креативен израз – кој бил во чекор со европските движења – бил чуден, провокативен и неприфатлив. Многумина сакале да ја „смирaт“ оваа боемска интелектуална елита, а особено нејзиниот млад и бунтовен двигател, Макс Харис.
Сето ова објаснува зошто еден ден во 1943 двајца конзервативни писатели и, патем, воени лица – Џејмс Меколи и Херолд Стјуарт решиле да направат местенка, потсмевајќи му се на модернизмот и на конкретните колеги. Меколи и Стјуарт, кои длабоко го презирале модернизмот, намерно напишале стихови кои според нив биле бесмислени и лоши, имитирајќи го стилот на модернистите. Тие испратиле шеснаесет „поеми“ до Харис, претставувајќи се како Етел – сестра на Ерн Мали, кој наводно починал од Базедова болест односно хипертироидизам. Харис и уметничкиот круг околу него биле воодушевени од „новооткриениот поет“ и му го посветиле целото следно издание на „Лути пингвини“, прогласувајќи го за гениј.
Кога измамата била разобличена, тоа предизвикало голем јавен скандал. Харис бил понижен, па дури и изведен на суд под обвинение дека објавил „неморални“ содржини; бил осуден и казнет со парична глоба. Списанието престанало да излегува во 1946 година. Во годините што следеле, аферата со Ерн Мали претставувала тежок удар за модернистичката поезија во Австралија. Но од 1970-тите наваму, и покрај тоа што сите знаеле дека песните се лажни, тие почнале да се ценат како исклучителен пример на надреалистичка поезија. Меѓу нивните обожаватели се појавиле реномирани поети и критичари. Денес, поезијата на Ерн Мали е позната и читана повеќе од делата на неговите вистински творци. Американскиот поет Дејвид Леман ја нарекол измамата со Ерн Мали „најголемата книжевна измама на дваесеттиот век“.
Песни од Ерн Мали тука