На 104 почина Едгар Морен, мислителот кој се спротивставуваше на едноставните одговори

Со заминувањето на францускиот интелектуалец, светот загуби еден од последните големи мислители на 20 и 21 век, кој речиси цел век посвети на борбата против поедноставувањето на светот. Неговото дело беше обид да се покаже дека реалноста никогаш не може да се разбере преку едноставни поделби, цврсти категории или една дисциплина сама по себе.

фото: EpaImages

„Татко“ на француските интелектуалци, социолог, антрополог, филозоф и сценарист чие дело надминуваше епохи и дисциплини. Вака е опишан Едгар Морен во светските медиуми, по неговата неодамнешна смрт на 104 години.

Тој ќе остане запаметен како мислител кој се спротивставуваше на црно-белите претстави за луѓето и општествата. Во периоди на политичка поларизација и колективни осуди, тој одбиваше цели народи или групи да ги сведува на нивните најлоши постапки. По Втората светска војна, одбиваше да ги идентификува Германците исклучиво со нацизмот, како што одбиваше секој човек да го дефинира само преку неговите грешки. Ваквите ставови му донесоа и политички последици, вклучително и исклучување од Комунистичката партија.

Во центарот на неговата филозофија стоеше концептот на сложеноста. За Морен, светот не можеше да се разбере преку раздвојување и изолирање на проблемите, туку преку нивно поврзување. Веруваше дека знаењето не е затворено во границите на поединечни дисциплини и дека вистинското разбирање се раѓа таму каде што се среќаваат различни научни перспективи.

Беше меѓу раните критичари на строгата поделба меѓу научните полиња. Потсетуваше дека физиката и хемијата се испреплетени, дека биологијата не може да се одвои од хемијата, а дека дури и внатре во истите дисциплини често постојат изолирани школи кои ретко комуницираат. За него, оваа фрагментација претставуваше суштински проблем на современото знаење.

Особено се спротивставуваше на редукционизмот - идејата дека целината може целосно да се објасни преку анализирање на нејзините делови. Наместо тоа, Морен тврдеше дека сложените системи функционираат преку постојани интеракции меѓу деловите и целината. Често ја повторуваше својата мисла дека „целината е повеќе од збирот на своите делови, но и помалку од нивниот збир“, нагласувајќи дека односите меѓу елементите создаваат нови својства што не можат лесно да се сведат на поединечни компоненти.

Во неговите дела важна улога имаа и концептите на ентропија, организација и дезорганизација. Морен покажуваше дека системите — биолошки, општествени или космолошки — постојано се движат меѓу ред и хаос. За него, дури и парадоксите, противречностите и неизвесноста не се недостатоци на мислењето, туку составен дел од реалноста.

Неговата идеја за „комплексна мисла“ претставуваше повик да се прифати неизвесноста. За разлика од поедноставеното размислување, кое тежнее кон раздвојување и редукција, комплексното размислување бара поврзување, контекст и прифаќање дека не сите прашања имаат конечни одговори. Морен често предупредуваше дека обидите да се создадат универзални и целосни објаснувања се осудени на неуспех. Според него, мислењето мора да остане отворено, дијалошко и подготвено да живее со несигурноста.

Неговите идеи ги применуваше и на историјата и општеството. Потсетуваше дека добрите намери не секогаш создаваат добри последици, наведувајќи ја Руската револуција како пример за проект што започнал со идеали за правда и еднаквост, а завршил со репресија и нови форми на доминација. Со смртта на Морен практично завршува едно извонредно ренесансно патување што траеше повеќе од еден век. Но неговото наследство останува во неговиот најважен повик: да не се плашиме од сложеноста, туку да научиме да живееме и размислуваме низ неа.

3 јуни 2026 - 10:10