Кога Дали држел предавање во нуркачко одело и за малку ќе се загушел

Во 1936 година, надреализмот конечно пристигнал во Англија. Голема изложба во Лондон ги собрала Пикасо, Магрит, Дишан, Ернст и други славни имиња, но најголемо внимание привлекол Салвадор Дали – кој на предавањето се појавил во вистински нуркачки костум. Кога почнал да се гуши во него, присутните мислеле дека и тоа е перформанс.

Надреализмот релативно доцна пристигнал во Англија. Во летото 1936 година, во галеријата Њу Бурлингтон зад Кралската академија во Лондон била отворена Меѓународната изложба на надреализмот. Весникот Манчестер Ивнинг Њуз ја осудил како „пародија на сè што е пристојно“. Изложбата, очекувано, станала огромен хит.

На неа биле претставени дела на некои од најзначајните уметници на европскиот и американскиот надреализам и модернизам – Пабло Пикасо, Рене Магрит, Макс Ернст, Александар Калдер, Џорџо де Кирико, Марсел Дишан, Алберто Џакомети, Паул Клее, Ман Реј и Салвадор Дали. Дали дошол и лично, за да одржи предавање со наслов „Автентични параноични фантоми“.

А за настапот решил да се облече како – нуркач. Ако целта на надреализмот била „спуштање во потсвеста“, Дали решил да ја сфати метафората буквално. Изнајмил тежок нуркачки костум со шлем и се појавил пред публиката во него, држејќи на поводник две раскошни бели руски ловечки кучиња. Костумот, сепак, се покажал како сериозен проблем. Оловните обувки биле толку тешки што Дали едвај можел да ги крева, па до столот морал да се движи бавно, потпирајќи се на пријатели. Уште полошо, стаклото на шлемот практично го спречувало да зборува. По десетина минути поминати во затворениот костум, му станало жешко и почнал да се гуши и да се онесвестува.

Техничарот кој му го затегнал шлемот во меѓувреме исчезнал, па сопругата на Дали, Гала, и неговиот пријател Едвард Џејмс очајнички се обидувале да го ослободат. На крајот морале да употребат чекан и да ги кршат штрафовите на шлемот. Дали подоцна раскажувал дека со секој удар мислел дека ќе се онесвести.

Кога конечно успеале да го извлечат, публиката првично мислела дека и ова е дел од перформансот. Но неговото вистински смртно бледо лице оставило силен впечаток. Дали, се разбира, успеал и оваа вистинска опасност да ја претвори во совршен надреалистички момент.

Но тука настапот не завршил. Откако бил ослободен, Дали продолжил со визуелниот дел од предавањето и почнал да прикажува слајдови – намерно по погрешен редослед, а најчесто и наопаку. Во духот на надреализмот, и техничката грешка можела да стане дел од уметничкиот чин.

Изложбата траела три недели и привлекла околу 30.000 посетители. Нејзиниот успех можеби ќе бил уште поголем доколку Европа во тој момент не се движела кон војна. Но постоела и еден друга пречка: англиската недоверба кон континенталната склоност кон уметничка сериозност и претенциозност. Всушност, на Англичаните можеби и не им бил потребен увезен надреализам. Како што забележал критичарот и поет Херберт Рид во каталогот на изложбата, земја што ги дала Вилијам Блејк и Луис Керол можеби едноставно била надреалистичка по природа.

Од таа перспектива, Дали со нуркачкиот костум, кучињата и слајдовите наопаку можеби не бил толку туѓ на англиската култура колку што изгледало. Англија само веќе имала сопствена традиција на апсурдот – многу пред надреализмот да ѝ биде донесен од Париз.

извор

24 септември 2026 - 09:42