Во мај 2017 година, не толку одамна во реално време, но навидум цела вечност со оглед на ерата во која живееме, група 50-тина студенти на државниот колеџ Евергрин дошле пред предавалната на професорот по биологија, Брет Вајнстин, барајќи негова оставка. Професорот излегол во ходник да се види со нив, верувајќи дека може да ги реши работите.
Грешка.
Гревот на Вајнстин бил што дошол на работа за време на настанот наречен „Денови на отсуство“, во кој белците (студенти, професори, вработени на факултетот) биле замолени да останат дома. Вајнстин одби да се придржува до тоа и затоа групата студенти кои никогаш не ги сретнал дотогаш го обвинија дека е расист. Наивно поверувал дека лесно ќе најде заеднички јазик со незадоволните, особено затоа што бил еден од најпопуларните професори на факултетот, и меѓу не-белите студенти.
„Дали мислеа дека можат да ме сменат за нешто што нема врска со мојата професура? Не само што мислеа, туку испадна дека можат,“ вели професорот, експерт по тропска биологија.
Деканот го пушта низ вода и не само што не застанува во одбрана на Вајнстин туку и ја замолува полицијата да не интервенира кога „активистите“ комплетно влегуваат во филм па почнуваат да претресуваат автомобили, веројатно барајќи го спорниот професор. Вајнстин практично бива принуден да дигне раце од тоа и да даде отказ.
Така Вајнстин несакајќи станува еден од првите протагонисти на серијата инциденти и кризи во американските универзитетски кампуси во врска со слободата на говорот.
„Она што се случува во кампусите е поврзано со моќ и контрола. Слободата на говор е тргната настрана,“ вели тој.
Фаст форвард три години. Вајнстин и неговата сопруга Хедер Хеинг стануваат проминентни фигури во светот на независните медиуми, водејќи го популарниот подкаст ДаркХорс, а Њујорк Тајмс го опишува како еден од фронтмените на таканаречениот „интелектуален дарк веб“. Се работи за едно скроз мешано друштво од интелектуалци кои не им се потчинуваат на доминантните наративи на денешната идеологија а не се во никаква врска ни со леви ни со десни традиционални политички организации. Ако се протерани или непожелни во академските кругови, бар на Јутјуб ќе бидат раат, мислеа тие.
Не оди тоа така. Како што Мат Таиби детално го објаснува нивниот случај во статијата „Како Ивермектинот стана безобразен збор“ Вајнстин и Хеинг се на чекор да станат жртви на движењето за цензура кое бабри последниве години. Јутјуб има правило за „три фаула - пенал“ а овие двајца веќе имаат два фаула: едниот е разговори со луѓе како прочуениот доктор Пјер Кори за потенцијалните бенефити на лекот ивермектин а вториот фаул за интервјуа со доктор Роберт Малоун, човекот кој е изумител на мРНК вакциналната технологија која се користи за вакцините за ковид.
„Последниве години американскиот културен и политички естаблишмент мина низ тектонски промени во размислувањата“, забележува Таиби. „Изборот на Трамп доведе до разочараност од демократијата, случаите како Шарлотсвил ја девалвираа слободата на говорот, а упорно бутканата приказна за „русијагејт“ доведе до тоа лути противници на матни типови како Дик Чејни и неговата шпионска држава, одеднаш да станат сојузници со ФБИ, НСА и ЦИА во битката против Трамп“.
Кога во летото 2018 година, Фејсбук, Еплс, Јутјуб и Спотифај здружено го набркаа Алекс Џонс од интернет, мнозинството од новата левица аплаудираше, не сфаќајќи каде може да води таквата новостекната моќ на приватните компании. Случајот со Вајнстин го покажува тоа недвосмислено. Тој и сопругата се чиста спротивност од хистериите на Алекс Џонс, немаат врска со теории на заговор, се трудат да се држат до факти и рационалност, нема кај нив никаква агресивност, се интервјуираат авторитети кои имаат релевантни референци а кои обично биваат игнорирани од корпоративните медиуми.
На пример, Брет Вајстин беше еден од првите кои отворено проговорија за можноста коронавирусот да е протечен од лабораторија во Вухан. Многу, многу пред луѓе како Ентонни Фаучи да се предомислат и да ја дозволат таа хипотеза (види: Проверувачите на факти уште еднаш си добија плескање) или на миленици на културната елита како Џон Стјуарт, кому, малку шупачки, одеднаш му текна дека сосема е можно тоа (види: Џон Стјуарт се отвори околу ковид-19)
Кога тоа истото го зборуваа Вајстин и Хеинг, тие беа мешетари со лажни вести.
„Ова е значаен момент во американската историја. Ако емисии со толкава публика каква што имаат Вајстин и Хеинг можат толку лесно да останат без бизнис модел, тоа значи дека во иднина, независните медиуми или ќе треба да ја бараат својата егзистенција надвор од големите платформи или пак да потклекнат и да се откажат од нивната традиционална улога, да ги предизвикуваат доминантните наративи“, вели Таиби.
Мат Таиби: Дали технолошките гиганти и здравствени власти сепак немаат одговорност да спречуваат опасни говори во вонредни случаи како што е пандемијата? Дали мислите дека баш секоја дискусија треба да биде дозволена или верувате дека треба да постојат некои стандарди околу фактите. Кој е соодветниот начин да се реши оваа дилема?
Брет Вајнстин: Не мислам дека така функционираат работите. Кога еднаш ќе создадете право некого да замолчите, тоа станува моќна алатка а вистинскиот говор замолкнува. Човештвото знае дека напредокот е поврзан со различните мислења кои честопати биле носени од луѓе сметани за фрикови. Никој нема начин соодветно да ги класифицира таквите мислења, освен ретроактивно. Ако ги тргнете фриковите од пејсажот, ја затворате вратата за разумен прогрес. Штетата е непроценлива.
Додека не го тргнале видеото, разговор за опасноста и цитотоксичноста на шилестиот протеин: