„Ова е најлошиот ден за Њујорк тајмс,“ ќе твитне професорот на Колумбија, Том Вотсон, пренeсувајќи го насловниот изглед на едиторијалот на Њујорк Тајмс.
Мат Таиби зајадливо ќе додаде, некои па ќе помислеа дека нешто полоши беа деновите кога со лажни извештаи за хемиско оружје бевме вовлечени во војна во Ирак, или пак кога Њујорк доби Пулицерова награда за аплаудирање на погибијата на пет милиони кулаци од страна на Сталин (1932 г.).
Во секој случај, многумина се згрозија од појавување на едиторијал со ваков наслов на перјаницата на прогресивниот печат, се бараше текстот да се повлече, цел борд да даде оставка....
„Додека Њујорк тајмс не се реши од чија е, можеби ќе биде предоцна“, запомагаше колумнист на Филаделфија Инкваејер а најискрено збунет беше актерот Џорџ Такеи кој рече дека му се чини „како Бил Мар да станал дел од одборот на Њујорк Тајмс.“
„Наспроти целата толерантност на која се повикува модерното општество, Американците го губат нивното фундаментално право како граѓани на слободна земја: правото јавно да кажат што мислат без страв дека ќе бидат осудени или шиканирани,“ почнува едиторијалот.
За ваквата ситуација медиумот вината ја наоѓа „и кај едните и кај другите“ односно во тоа што левицата и десницата се втренчени во деструктивен круг од обвинувања поврзани со кансел културата. Многумина во левицата одбиваат и да признаат дека таа постои, а многумина во десницата, смета весникот, за возврат прифаќа и поекстремни мерки на замолкнување.
Според Таиби, ваквиот разводнет поглед на загрижувачката ситуација е очигледен маркетинг обид да се врати публиката која Тајмс ја изгуби последниве години и замислува дека редакцијата сега е во дилема „Дали да најмиме еден НИКОГАШ-ТРАМП републикански колумнист, или пак ниеден?“
Редакцискиот коментар за темели на последното истражување на Истражувачкиот центар Пју, по кое 84% од Американците (вклучително и 84% од црните Американците) сметаат дека е „многу сериозен“ или „донекаде сериозен“ проблемот што луѓето сега се плашат да го кажат своето мислење од страв од одмазда или сурова критика. Понатаму, дури 46% од испитаниците велат дека денес се помалку слободни да зџборуваат за политика отколку пред десет години а 55% признале дека лани решиле да го премолчат своето мислење за некоја тема за да не бидат таргетирани од околината.
„Како и да ја дефинирате кансел културата, Американците знаат дека таа постои и го чувствуваат нејзиното бреме“, заклучува Тајмс потпирајќи се и на свое истражување по кое само 34% мислат дека сите Американци целосно ја уживаат слободата на говорот.
Според Таиби, калкулантството во пишувањето на овој коментар прави она писмо за слободата на говорот од пред две години кое го потпишаа Салман Ружди, Ноам Чомски, ЈК Роулинг, Винтон Марасалис и други, кое исто така беше испеглано и упадливо коректно, да звучи како лута фатва на Бин Ладен во однос на едиторијалот.
„За ОВА се бараат оставки? За едиторијал кој оди две милји на час на средината на средината на средината на патот? Ако некој вака замислува што е табу, тогаш навистина сме зајдени,“ вели тој.