Мартин Лутер Кинг ќе ги презираше денешните неолиберални шупци и „револуционери“

„Мартин Лутер Кинг помладиот беше вистински радикал чие наследство не смее да се стерилизира“, пишува по повод 50 годишнината од неговата смрт влијателниот професор (Харвард, Принстон) Корнел Вест. Според него, да беше МЛК жив, неговите зборови најмногу ќе ги шамараа фановите кои денес напразно ги повторуваат неговите мантри. 

Главната закана која Мартин Лутер Кинг помладиот ја претставува за нас е од духовна и од морална природа. Неговиот храбар и милосрден пример го распарчува доминантниот неолиберален светоглед на лукавост, пари и бомби. Неговата грандиозна борба против сиромаштијата, милитаризмот, материјализмот и расизмот ги замолчува површните дрдорења и претенциозните пози на таканаречените прогресивци, во иста мерка како и безопасниот презир и гордите предрасуди на вистинските реакционери. Кинг не беше ни совршен ни чист во своето пророкување - но тој беше вистинското нешто, во споредба со неговите пазарно ориентирани имитации и симулакруми кои ги нуди денешницата.

Во овој крактотраен момент на прославување на животот и смртта на Кинг треба да бидеме крајно сомничави кон оние кои го воспеваат, а истовремено одбиваат да ја платат цената на отелотворување на силната критика на Кинг на американската империја, капитализмот и расизмот во текот на сопствените животи.

Сега го очекуваме депресивниот спектакл кој се случува секој јануари, кога „фановите“ на Кинг ни претставуваат санитаризирани верзии на неговиот живот. Дојдовме до 50-годишнината од неговото убиство, и повторно се соочуваме со такви верзии на неговото наследство. Радикал кој бил длабоко омразен и презрен е отпадник во иста мерка како и некој кој бил универзално сакан затоа што бил умерен.

Овие неолиберални ревизионисти се палат на спектаклот на нивната памет и видливоста на нивниот мејнстрим статус - но ретко, ако воопшто, имаат промрморено макар и збор за тоа што би го загрижувало Кинг денес, како американските напади со дронови, насилното упаѓање по домови и локациите каде се врши тортура, или имаат гласно протестирано поради растечката нееднаквост, сиромаштијата или доминацијата на Вол стрит под неолибералните администрации, без оглед дали претседателот е бел или црн.

Убиството на Стефон Кларк од страна на полицијата во Сакраменто може да ги помрдне, но огромните масакри во Јемен, Либија или Газа не ги трогнуваат. Зошто? Затоа што голем број „фанови“ на Кинг се плашат. А пак една од омилените негови изреки беше: „Повеќе би сакал да бидам мртов отколку да се плашам“. Зошто им им е страв? Затоа што се секираат за своите кариери и за тоа дали би биле прифатени од неолибералниот естаблишмент.

А Кинг луто велеше:

„Она што го кажуваш може да ти донесе грант, но нема да те внесе во Кралството на вистината“.

Неолибераниот светоглед на денешницата ги отфрла интегритетот, чесноста и храброста и ги наградува корумпираноста, хипокризијата и кукавичлукот. Да се биде успешен значи да се изгради незаканувачка слика за себеси, да се држиш до својот бренд, да си ја прошириш лукративната мрежа - и да одржиш дистанца од критиките на Вол Стрит, неолибералните водачи и особено од израелската окупација на палестинските територии и народи.

Мартин Лутер Кинг помладиот беше краен резултат на фузијата на грдите бели супрематистички елити во владата на САД и граѓанските и кукавички настроените либерални кариеристи кои се плашеа од радикалните потези на Кинг против империјата, капитализмот и белиот супрематизам. Ако Кинг беше жив денес, неговите зборови и сведочења против нападите со дронови, инвазиите, окупациите, полициските убиства, кастite во Азија, опресијата на Рoмите во Европа, како и капиталистичката нееднаквост и сиромаштија, ќе претставуваа закана за сите оние кои денес му редат фалби. Како што точно предвиде: „Јас сепак сум многу натажен...поради тоа што моите иследници никогаш не ме запознаа, мојата посветеност или мојата мисија“.

Ако навистина сакаме да го познаваме Кинг во сета негова несовршеност, мораме да го отфрлиме секој неолиберален светоглед и да ги земеме сериозно - и во нашите зборови и во делата - неговите критики и отпори кон американската империја, капитализмот и ксенофобијата. Не е потребно да се потенцира дека тој несомнено би го критикувал Трамповото неонацистичко владеење - но тоа не смее да се смета како оправдување и занемарување на репресивните континуирани методи на администрациите на двајцата Буш-овци, Клинтон и Обама.

Всушност, во момент на криза, кога американскиот кошмар му го скрши сонот, Кинг забележа: „Немам верба во белите на власт, дека тие би реагирале на вистинскиот начин...тие нè третираат како што ги третираа нашите јапонски браќа и сестри во Втората светска војна. Ќе нè фрлат во концентрациски логори. Болните во умот и фашистите ќе добијат на сила. Ќе направат кордон околу гетото и ќе ни делат дозволи за влез и излез“.

Овие зборови можеби звучат како оние на Малком Икс, но тие се на Мартин Лутер Кинг помладиот - со несомнена важност за неонацистичките движења на денешницата.

Последната проповед на Кинг беше насловена „Зошто Америка можеби оди кон пекол“. Неговата лична осаменост и политичка изолација дојдоа до израз. Џ. Едгар Хувер рече дека тој бил „најопасниот човек во Америка“. Претседателот Џонсон го нарече „проповедник на црнчугите“. Неговите колеги - христијански свештеници, бели и црни, му ги затворија портите. Младите револуционери го отфрлија и се обидоа да го понижат со бојкотирање на настава, гласно протестирање и прекинување на говорниците. Лајф магазин - под влијание на Тајм магазин, Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост (сите бастиони на либералниот естаблишмент) - ги сотреа антивоените идеи на Кинг како „демагошко клеветење кое звучи како сценарио за Радио Ханој“.

А водечкиот црн новинар на денешницата, Карл Роуан, напиша во Ридерс Дајџест дека „прекумерното фалење на неговата самозначајност“ и комунистичкото влијание врз неговото мислење го направило Кинг „персона нон-грата кај Линдон Џонсон“ и „отуѓило голем број од црните пријатели а им дало оружје в рака на нивните непријатели“.

Еден од последните и вистински пријатели на Кинг, големиот Раби Абраам Џошуа Хешел пророчки изјави: „Целата иднина на Америка ќе зависи од влијанието на доктор Кинг“. Кога Кинг беше убиен нешто умре во сите нас. Куршумите однесоа нешто од слободниот и демократски дух на американскиот експримент. Следниот ден повеќе од 100 американски градови гореа - огнот овој пат повторно е запален!

Денес, 50 години подоцна, империјалниот распад на САД се засилува. А радикалното наследство на Кинг главно останува кај младината која се буди и кај милитантните граѓани кои одбираат да бидат екстремисти на љубовта, правдата, храброста и слободата, дури и ако нашите шанси да победиме се рамни на снежна топка во пеколот! Таков вид на нескротлив екстремизам по угледот на Кинг е закана за секое статус кво!

Корнел Вест, за Гардијан

****

Види и:

За заедничка Македонија на правда и мир?

Другари и другарки, Корнел Вест

„Одржувајќи ја вербата“ од Корнел Вест

 

13 април 2018 - 12:47