Дур трепнеш, вонземјаните ги снемало

Науката се наврати на Карл Саган за да го одговори прашањето на Енрико Ферми: „Каде се сите?“ Овој парадокс на таткото на атомската физика ги судира претпоставките дека сигурно постојат други цивилизации низ космосот - со отсуството на какви било видливи докази за тоа. Вештачката интелигенција прилично го затвора временскиот прозорец за комуникација на една до две децении.

Луѓето со векови развиваат технологија што им овозможува да го пребаруваат и да го слушаат небото, очекувајќи сигнал од вонземна цивилизација. Со копнени и вселенски телескопи и радио-приемници што следат милијарди ѕвезди и планети досега имаме откриено повеќе од 6.000 егзопланети поволни за развој на живот и на цивилизации со кои би можеле да комуницираме. Човештвото упорно испраќа пораки, но досега не стигнал никаков одговор. 

Постојат неколку теории што нудат одговор на Парадоксот на Ферми. Главните три се: Нема живот надвор од нашата планета; Ако има, не се развила цивилизација; и Ако се развила, доволно е интелигентна за да не комуницира со нас. (За нив поопширно пишавме во статијата ОК, каде се?)

На овие се надоврзува теоријата дека секоја цивилизација, па и нашата, се развива во самоубиствена насока и самата се уништува пред да воспостави контакт со некоја друга. Ниту една од овие теории не може ни да се отфрли ни да се потврди.

Основа на новата хипотеза се идеите на генијалниот Карл Саган, кој во потрага на одговорот за космичката тишина го дефинирал „комуникацискиот хоризонт“.

Како што напредува вонземната цивилизација, нејзината технологија станува премногу софистицирана за да можеме да ја откриеме. Можеме да детектираме силни радио сигнали од цивилизација оддалечена 100 светлосни години, но ако за комуникација не користат радио-фреквенции, туку неутрини, тие би биле во суштина невидливи за нас, како и ние за нив, претпоставува Саган.

Врз основа на начинот на кој напредувала човечката цивилизација, Саган претпоставил дека ќе бидат потребни околу 1.000 години технолошки развој за да може да комуницира со некоја друга.

Од оваа теорија на Саган пред половина век се променија многу работи, особено во компјутерската технологија. Вештачката интелигенција денес е секојдневие и забрзано се развива кон суперинтелигенција (ASI). Во блиска иднина, можеби веќе во идната деценија, таа би станала доминантната интелигенција на планетата и ќе продолжи да се развива побрзо отколку што можеме и да си замислиме.

Експоненцијалната брзина со која се развива оваа технологија, заедно со претпоставката дека небиолошката интелигенција е вообичаена во космосот, уште повеќе го скратуваат „комуникацискиот хоризонт“ дефиниран од Саган. Временскиот прозорец, во овој случај, е период од една или две децении. Ако оваа теорија е точна, шансата да откриеме вонземјани и да воспоставиме контакт со нив практично е нула нула, забележува шкотскиот астроном Мајкл Гарет, директор на опсерваторијата Џордел Банк.

******
Види и: Карл Саган за вонземјаните

20 октомври 2025 - 13:02