Вистинита приказна за вистинските стари скопјани

Како Блага и Александар го спасија животот на малата Тити

Скопје, 11 март 1943 година. Приказна за тоа како Блага и Александар Тодоровски ѝ го спасија животот на Виен Вините - Тити, малата Еврејка што избегна нацистички логор и сигурна смрт благодарение на храброста на ова семејство.

Ја збунија и ја уплашија, но Благица сепак присебно ја зрапчи Тити и се завлече со неа под креветот. Тити мислеше дека тие две си играат, гласно се смееше, радувајќи се. Среќата ги послужи, па агентот не ги откри.

Денес тоа е зрела жена со печат на сефардска убавина на црната коса и во темните очи засенчени со некоја дамнешна меланхолија и страв... Некогаш, тоа беше кадраво девојче што милно брбореше на шпански, јазикот на скопските Евреи-Сефарди.

Ја викаа Тити.

Нејзината приказна е една од оние исклучителните во поробената Европа, во времето на морбидните хитлеровски погроми на Евреите. Сведоштво за љубовта, хуманоста, солидарноста - за среќа, непобедливи...

Како се случи сето тоа ни раскажаа Блага и Александар Тодоровски, кои ѝ го спасиле животот на Тити:

„Нашите две семејства живееја во голема слога и љубов. Ние немавме деца, а нашите пријатели Арон и Ребека Бехар ја имаа четиригодишната ќеркичка Виен Винита, која јас нагалено ја нареков Тити. Оттогаш никој не ја ни викаше поинаку...“

Денот спроти злокобниот 11 март 1943 беше студен. Тити беше во нашата куќа.

Низ градот веќе кружеше ужасна приказна дека следниот ден ќе бидат однесени сите скопски Евреи.“

Блага и Александар решиле, и покрај опасноста, да ја задржат малата Тити, да не им ја дадат на Германците. Истата вечер им ја однесоа на родителите за да се поздрават и збогуваат со неа.

Како да се опише страшниот момент на разделбата? Тодоровски и денес плачат кога ќе се сетат на тоа.

„Тој момент никогаш нема да биде избришан од моето сеќавање. Арон сепак се прибра и напиша белешка во која рече дека својата ќерка ни ја остава на чување додека да се вратат: ги зедовме белешката и детето и со солзи се разделивме“, раскажува Александар Тодоровски.

„Тити беше мала за да сфати што се случува во тој момент.“

„Не ги памтам ликовите на мајка ми и татко ми“, со тага вели оваа сè уште убава жена.

Погромите

Следното утро, 11 март, во Скопје беше спроведена општа блокада. Ни птица не можеше да прелета преку обрачот. Заедно со сите Евреи беа однесени и родителите на Тити. Евреите од Скопје и околината беа сместени во зградата на Монополот и беа чувани под силна стража, сè до денот кога беа однесени во логорите на смртта.

Тие денови Блага Тодоровска, сакајќи да дознае нешто за родителите на девојчето, се упати по уличката што проаѓаше покрај зградата на Монополот. На самиот почеток ја начекаа стражари на коњи:

„Брзо се снајдов и им реков дека сум имала слугинка, дека од куќата ми ги испоукрала сите пари и скапоцености и дека сега ја барам кај некоја баба што живее на крајот на уличката. Стражарите ми поверуваа, затоа што за таа прилика се облеков богато, во крзно, ставив накит и шешир... Така, раскажувајќи ја истата лага, се провлекував сè подалеку низ густиот кордон стражари...“

Дворот на Монополот беше ограден со дрвени тараби низ кои Евреите постојано подѕирнуваа, молејќи да им се каже барем нешто за нивната понатамошна судбина.

На Блага ѝ успеало на еден од нив да му каже кого бара.

„Наскоро се појави Ребека Бехар:

'Како е Тити?', тивко, избезумено праша младата жена.

'Добро е, не се секирај!', одговорив, и јас низ плач.“

Тоа било последната средба меѓу двете пријателки.

Наскоро сите македонски Евреи биле однесени во конц-логори и погубени во гасни комори.

Малата Тити, се разбира, не знаела ништо за тоа и живеела релативно безбедно кај семејството Тодоровски.

Но, се разбира, злото не мирува.

Наскоро нејзиното присуство им станало сомнително на комшиите. Некој поткажувач ѝ дошепнал на полицијата дека во куќата на Тодоровски се крие еврејско дете.

Почнале претреси и испитувања, на вратата затропал агент на фашистичката полиција.

Се збуниле и се уплашиле, но Благица сепак присебно ја зрапчила Тити и се завлекла со неа под креветот. Тити мислела дека си играат, па гласно се смеела, радувајќи се.

Среќата ги послужила, па агентот не ги открил.

Во тоа време во комшилукот се шепкало и дека Тити е вонбрачно дете на Блага, зашто таа со мажот немала деца. Тодоровски не се противеле на овие отровни озборувања, најважно им било да го заштитат детето.

Меѓутоа, паланечките озборувања не можеле да ја измамат и полицијата. Детето морало да биде префрлено во селото Маџари, кај мајката на Блага.

Но кога и тоа скривалиште станало несигурно, ја однеле во селото Драчево.

Така Тити сè до ослободувањето на нашата земја живеела постојано скриена, скришум префрлана од куќа во куќа.

„По војната“, се сеќава Блага, „маж ми и јас постојано ги прегледувавме списоците на погубените Евреи и откривме дека Арон и Ребека настрадале во логорот Треблинка. Со тага сфативме дека Тити повеќе нема родители, дека сега тоа сме ѝ ние двајца.

Таа растеше, беше убаво и здраво дете, а ние не се осмелувавме да ѝ го нарушиме детството и да ѝ ја кажеме вистината. Постојано го одложувавме тоа.“

Вистината

Тоа е и разбирливо. Тодоровски ја обожавале Тити. По ослободувањето службено се преселиле во Риека, а девојчето растело под името - Тити Тодоровска.

Како што често се случува во семејствата во кои растат посвоени деца, Тодоровски подоцна добиле син, кого го нарекле Сергеј. Тити веќе не била сама - добила брат.

Но како тајната да не можело да се дочува: животот донел неочекуван расплет.

Црнокосата и темноока Тити, еден ден, прелистувајќи еден стар семеен готвач, ја нашла белешката што девет години пред тоа, во времето на депортацијата, ја напишал нејзиниот татко Арон Бехар:

„На никого за тоа не му кажав, но ја зедов белешката и ја однесов во Еврејската заедница. Сакав да бидам начисто со себе“, се сеќава Виен Винити (Тити). „Така дознав сè. Од Еврејската заедница ме упатија во Израел и така таму го продолжив школувањето и дораснав во еден кибуц.

Но тогаш, кога ги напуштав моите втори родители, Тодоровски, почувствував таква болка каква што, онака мала, претходно, не чувствував на разделбата со мајка ми и татко ми...“

Сознанието за потеклото создало еден вид долг кон вистинските родители, Ребека и Арон. Тоа веројатно и влијаело врз Тити да отиде во Израел.

Виен Винита Бехар-Езури е мажена со Менаше Езури, сопственик на приватна туристичка агенција. Има ќерка Шарон и син Дорон.

Во раната младост убава и грациозна, се занимавала со манекенство. Сега им е посветена само на домот и децата.

Своите втори родители, Тодоровски, ги канела на сите големи семејни веселби во Израел - на својата свадба, на раѓањето на децата...

Таа самата секогаш кога може доаѓа во Скопје на комеморациите на еврејските жртви на 11 март.

Благица, Александар и Тити не ги забораваат годините на несреќи, прогони, но и на љубов и човечка солидарност и храброст".

Напиша: Вера Бужаровска, Базар, април 1984

 

26 декември 2016 - 16:11