Иран развил поефикасна тактика да соборува американски авиони

Хаотично дури и за негови стандарди, Трамп денеска објави дека ги откажал нападите врз Иран кои претходно воопшто не ги најави. Наводно поради нов „сериозен“ мировен план. Извори од Пентагон тврдат дека една од причините е тоа што Иран развил тактика и зачувал проектили со кои многу поефикасно може да ги соборува американските авиони и да ги бомбардира соседите.

Се подготвувавме да извршиме многу голем напад утре и го одложив за малку, се надевам можеби засекогаш, но можеби за малку, бидејќи имавме многу големи дискусии со Иран и ќе видиме што ќе значат тие, им изјавил Трамп на новинарите, без да навлегува во детали. 

Тој додаде дека лидерите на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати го замолиле да ги одложи нападите бидејќи веруваат дека можат да постигнат договор со Иран што би ги задоволил барањата од САД.

Значи, ме повикаа овие три земји, плус други, и тие работат директно со нашиот народ, а во моментов и со Иран, и се чини дека има многу добри шанси дека можат да постигнат нешто. Ако можеме да го направиме тоа без да ги бомбардираме до смрт, би бил многу среќен, порача Трамп.

Но, во исто време Њујорк тајмс пишува дека и Пентагон го разубедил Трамп да се воздржи од какви било бомбардирања, бидејќи иранските воени команданти зачувале доволно оружје и развиле ефикасна тактика како да ги соборуваат американските борбени авиони.

Тревогата е крената два месеца откако министерот за одбрана Пит Хегсет соопшти дека иранската противвоздушна одбрана и авијацијата се целосно неутрализирани и дека американските сили воспоставиле доминација во иранскиот воздушен простор.

Изворот на Њујорк тајмс тврди дека долгото примирје им овозможило на иранските команданти, веројатно со стручна помош и аналитика од руските сили, да ги проучат моделите на летање на американските ловци и бомбардери и да состават предвидлива шема на нивните тактики, со што ја зголемиле ефикасноста на противвоздушната одбрана. Како знаци за зголемениот ризик тој ги истакнува соборувањето на авион Ф-15Е и оштетувањето на еден Ф-35 од оган отворен од копно.

Примирјето, исто така, му овозможило на Иран да ги прераспореди мобилните лансери и балистичките проектили во десетици подземни бази, доволно цврсти за да издржат бомбардирање.

Многу од балистичките ракети на Иран беа распоредени од длабоки подземни пештери и други објекти издлабени во гранитни планини каде што тешко може да бидат уништени од американските борбени авиони. Како резултат на тоа, САД во голема мера ги бомбардираа приодите и влезовите на локациите, ги урнаа и ги закопаа, но не ги уништија. Иран сега откопа значителен број од тие локации, изјавил анонимниот функционер за Њујорк тајмс.

Како битен фактор, тој истакнал дека во петте недели интензивно бомбардирање американските и израелските сили убиле неколкумина ирански политички, верски и воени лидери, но добиле уште потврдокорен и поотпорен противник.

Иранците се уверени дека можат успешно да им се спротивстават на САД, без оглед дали со блокада на Ормускиот проток, со бомбардирање на енергетската инфраструктура во соседните земји или со закана за американските авиони, истакнал функционерот.

19 мај 2026 - 15:51