Неговото вистинско име можеби било Розенбаум или Перлман. Но самиот се претставувал како Шушани, или „човекот од Шушан", како што на хебрејски се нарекува градот Суза во денешен Иран. На неговата надгробна плоча ја има само годината кога умрел, и текст: „Тука почива мудриот раби Шушани. Неговото раѓање и неговиот живот се запечатена енигма".
Една од големите мистерии во интелектуалната историја е онаа поврзана со овој мистериозен еврејски учител, кој бил ментор на мал број многу значајни мислители од еврејско потекло по Втората светска војна, вклучувајќи го Емануел Левинас, француски филозоф-етичар, како и Ели Визел, автор на 57 книги, некогашен затвореник во Аушвиц и Бухенвалд и добитник на Нобеловата награда за мир во 1986. И покрај тоа што му биле ученици, дури ни овие луѓе не успеале да откријат детали од животот на Шушани, кого го опишале како „валкан, обраснат и грд", некој кој повеќе личел на маалска битанга отколку на гениј со знаења од математика, филозофија и особено од Талмудот.
Францускиот новинар Саломон Малка, кој во 1994 година објави книга за Шушани, го нарекува „најенигматичниот учител на 20. век", и додава дека светот е поделен на оние кои го знаеле и оние кои не го познавале. Дури и Малка, и покрај тоа што посветил повеќе години на истражување на животот на овој човек, не успеал да го дознае местото и времето на неговото раѓање. Пасошите му гласеле на повеќе имиња, повеќето од нив со симболичко значење. Најверојатно растел во Источна Европа, како дете гение, кое ги знаело на памет и Библијата и Талмудот. Имал неверојатна фотографска меморија, а умот му работел како „скенер". Татко му го носел по блиските села, заработувајќи од вештините за памтење на син му. Ова било трауматично искуство за малиот Шушани, кој подоцна станал вечен талкач и човек кој не успеал да ги вклопи своите огромни потенцијали во каква и да е формална рамка.
Следат податоци за неговиот живот кои повеќе личат на урбана легенда на некаков интелектуален Кајзер Созе - де бил виден во Мароко, во Алжир, во ресторан во Стразбур. Една од најинтересните анегдоти се однесува на неговото бегање од нацистите од Франција во Швајцарија. Кога Шушани бил запрен на некој контролен пункт од германски офицер, се претставил како германски професор по математика. „Изгледа дека немате баш среќа, затоа што и самиот предавам математика", му рекол Германецот. Мртов ладен, Шушани го предизвикал: „Наместо да ме тестираш, јас ќе ти поставам проблем. Ако го решиш, можеш да ме стрелаш на место. Ама ако не можеш, ќе ме пуштиш, без да ме испрашуваш понатаму". Фактот дека Шушани дошол до Швајцарија зборува за резултатот од овој интелектуален двобој.
По Втората светска војна се враќа во Франција и тогаш се запознава со неговите идни ученици. Средбата со Визел всушност била случајна: кога овој патувал со воз подготвувајќи предавање за Книгата на Јов, одеднаш некој му прозборел на јидиш и му ја зел книгата од рака. Кога Визел објаснил што работи, сопатникот почнал да му се дере, поставувајќи му бројни прашања за да му укаже на неговото незнаење, недоволно дури ни „да го преведе првиот стих како што треба“. Кога возот пристигнал на одредиштето, на Визел му олеснало, ама Шушани не се откажал - му дошол на предавањето, и иако цело време додека траело седел речиси неподвижен, по неговото завршување почнал да ја провоцира публиката со разни прашања. Следниот ден бил поканет да одржи предавање самиот.
Сепак, не се знае дали навистина бил верник, или неговиот интерес за религиските текстови бил чисто од филозофска и логичка природа. Она што сигурно се знае е дека бил тежок човек, и парадоксално, иако изгледал „валкано" всушност бил опседнат со хигиената, не дозволувал никој да ја допира неговата храна. Делувал како бедник, но кај себе чувал парталав куфер полн злато и пари, најверојатно од хонорарите кои ги добивал од предавања. Починал во 1968 во Уругвај, каде заминал на покана на негов студент, најверојатно од срцев удар.
Сега една група истражувачи се обидуваат да снимат филм за него, и ги молат сите оние кои знаат нешто да им пишат. Со оглед на целата мистерија, не би нè зачудило човекот да поминал и низ Македонија.