Ахиловата тетива на анатомијата

Во човечкото тело се „впишани“ имиња на одамна починати анатоми – најчесто Европејци од пред неколку века – чија работа живее преку зборовите што денес ги користиме за нашите коски, органи и мускули. Овие називи, познати како епоними, не го опишуваат органот или структурата, туку го носат името на личноста што прва ја проучувала или опишала.

Некои од имињата на деловите од нашето тело звучат митски: Ахиловата тетива потсетува на херојот од грчката митологија, а Адамовото јаболко на библиската приказна за забранетото овошје. Но повеќето се вистински луѓе: Габриеле Фалопио, италијански анатом од 16 век, ги опишал каналите меѓу јајниците и матката – денес познати како Фалопиеви цевки; Пол Брока, француски лекар од 19 век, го дефинирал делот од мозокот задолжен за говорот – Брокина зона; Бартоломео Евстахиј, лекар на Папата, ја опишал Евстахиевата труба во увото.

Со векови, овие имиња се задржале во медицината, од традиција, но и од практични причини. Тие се пократки, полесни за паметење и често поврзани со приказни кои студентите полесно ги паметат. „Брокина зона“ полесно се памти од „задно-инфериорен фронтален гирус“.

Но, епонимите имаат и проблематична страна. Тие често не кажуваат ништо за функцијата или локацијата на органот, а воедно одразуваат ограничен, европоцентричен поглед на историјата. Најголемиот дел од нив потекнуваат од времето кога „откривањето“ на човечкото тело значело присвојување на знаење што веќе постоело во други култури. 

Некои имиња дури поврзуваат медицински поими со луѓе со мрачно минато. Така, „Рајтеров синдром“ порано се користел за опис на болест на зглобовите, но бидејќи Ханс Рајтер бил нацистички лекар кој вршел експерименти врз затвореници, денес се користи неутралниот термин „реактивен артритис“. Спомнатиот Брока сметал дека црнците се раса на половина пат помеѓу мајмуни и Европејци, а дека расното мешање доведува до стерилитет. 

Сè повеќе научни тела, како Меѓународната федерација на анатомски здруженија (IFAA), препорачуваат употреба на описни називи, а епонимите да се спомнуваат само во заграда. Така, наместо да се избрише историјата, таа се става во контекст.

Јазикот на анатомијата не е само технички речник, туку огледало на моќ, сеќавање и наследство. Секојпат кога некој лекар ќе каже „Евстахиева труба“, тој ја спомнува Европа од XVI век. Можеби иднината на анатомијата не е во бришење на старите имиња, туку во разбирање на нивните приказни.

Види и: „Ќориот Хитлер - зошто именувањето инсекти според луѓе не е добра идеја

извор

6 ноември 2025 - 08:15