Пред Втората светска војна работел како фармер, а подоцна се занимавал со голем број други нешта. Но најмногу го мразел фашизмот на Хитлер и Франко. Кога во 1941 избувнала Втората светска војна, сакал да ѝ помогне на Британија како шпион. Нивните служби првично не го прифатиле бидејќи немал никакво искуство, но наместо да се откаже, тој одлучил сам да ги измами германските разузнавачи. Сe претставил како агент кој лиферува информации од Лондон, но всушност работел од Лисабон и испраќал измислени извештаи базирани на јавни извори и сопствена фантазија. Германците биле толку убедени што му доделиле кодно име, „Аларик“, и почнале да му плаќаат.
Британија конечно сфатила дека овој чуден Шпанец всушност им штети на нацистите и го прифатила да работи како двоен агент под кодното име „Гарбо“. Заедно со MI5, тој создал мрежа од лажни подагенти – лица кои и никогаш не постоеле, но за кои Германците мислеле дека испраќаат тајни информации. Некои од тие измислени агенти дури биле „убиени“ на хартија, па Германците испраќале жалење и пензии на нивните фиктивни сопруги.
Хуан со својата мрежа играл клучна улога во тн. Operation Fortitude – голема воена операција пред Ди-деј (6 jуни 1944). Тој успешно ги убедил Германците дека вистинската инвазија нема да се случи во Нормандија, туку кај Кале, што ги натерало Германците да задржат десетици илјади војници таму и да ги држат подалеку од вистинската зона на напад.
Интересен е еден детал кој неодамна излегол на површина откако биле декласифицирани документи од британската Национална архива. Неговата сопруга, Шпанка, една година пред Ди-деј, на која и било досадно да живее во Лондон и да биде следена на секој чекор, му се заканила на Гарбо дека ако не ја пушти да оди кај мајка ѝ ќе му го уништи планот или дека - ќе се самоубие. За да ја смири тој морал да исценира дека е заробен од MI5 - кога го видела во ќелија неизбричен и во затворска униформа со плачење ветила дека ќе продолжи неговите шпионски напори.
За нив бил одликуван од двете страни - Германците му доделиле Железен крст, награда што обично се дава за борбени заслуги. Но и Британија му доделила витешка титула. По војната, тој фалсификувал своја смрт и заминал да живее во Венецуела, каде што живеел со таен идентитет цели 36 години. Починал во 1988 година. Иако за него до сега е снимен еден документарец, игран филм се уште нема, иако според биографијава би можел да биде многу податлив за екранизација.