Шпанскиот истражувач и војник Хуан Понсе де Леон останал запаметен како човекот што се поврзува со легендата за Изворот на младоста, но и како еден од првите Европејци што го истражувале подрачјето на денешна Флорида. Роден околу 1460 година во благородничко семејство во шпанскиот регион Леон, тој својата кариера ја започнал на кралскиот двор, а подоцна учествувал и во воените походи против Маврите во Гранада.
По завршувањето на овие конфликти, најверојатно му се приклучил на второто патување на Кристофер Колумбо кон Новиот свет во 1493 година. Неколку години подоцна веќе служел како капетан под команда на шпанскиот гувернер Николас де Овандо на островот Хиспаниола, денешно подрачје на Хаити и Доминиканската Република. Откако помогнал во задушување на востание на домородното население, бил награден со управување на источниот дел од островот.
Гласините за остров богат со злато, познат како Борикен, го одвеле кон островот Сан Хуан Баутиста - денешно Порторико. Подоцна бил именуван и за тукашен гувернер, иако неговата позиција брзо станала предмет на политички борби и ривалства.
Сепак, најпознатата приказна поврзана со де Леон е легендата за „фонтаната“ на младоста. Според раскажувањата за ова слушнал од локалните жители за островот Бимини, каде наводно постоел магичен извор. Во потрага по богатство, нови територии и можеби по овој митски извор, во март 1513 година отпловил од Порторико.
Експедицијата стигнала до брегот на денешна Флорида во април истата година, во близина на современиот град Сент Огастин. Верувајќи дека открил остров, Понсе де Леон областа ја нарекол „Флорида“, име инспирирано и од бујната вегетација и од периодот на Велигденските празници, познат на шпански како Pascua Florida.
За време на ова патување ги истражувал бреговите ја забележал Голфската струја - топла морска струја што подоцна ќе стане клучна за враќањето на шпанските бродови кон Европа. По враќањето во Шпанија бил именуван за воен гувернер на Флорида и добил дозвола да ја колонизира областа.
Во 1521 година повторно се вратил во Флорида, овојпат со два брода, околу 200 луѓе, коњи, алат и семиња, со намера да основа трајна колонија. Се населиле на југозападниот брег, близу денешниот Шарлот Харбор. Но обидот за колонизација завршил трагично. Неколку месеци подоцна, локални домородни заедници ја нападнале експедицијата, а Понсе де Леон бил смртно ранет со стрела во бутот. Неговите луѓе го пренеле во Хавана, каде починал истата година.
Неговото наследство останува предмет на историски дебати. Современите истражувачи сметаат дека можеби никогаш сериозно не го барал Изворот на младоста и дека приказната можеби била создадена подоцна за да го прикаже како наивен авантурист. Сепак, митот продолжува да живее: во Сент Огастин денес постои археолошки парк што го носи името „Изворот на младоста на Понсе де Леон“, место кое ја одржува легендата жива повеќе од пет века подоцна.