- Во центарот на Скопје, на ул. Мито Хаџивасилев Јасмин бр. 15 (спроти задниот влез на Мр. Џек) викендов се отвори Rulebook Café - ново место за друштвени игри.
- Просторот, на два ката, е одлично уреден според стандардите за бордгејмери - масите се вдлабнати со суптилно светло, а коцките, картите и сите делови од игрите се заштитени од пијалоци и случајни удари. Дури и ужинките се дизајнирани за картите да преживеат.
- Ќе бидат организирани редовни тематски вечери, месечни турнири, а отворено е и за приватни настани. Не мора да дојдеш со друштво - и за тоа во Рулбук велат дека е нивна работа. Овој четврток (24.09.) за почетници се објаснува и се игра Катан, како вовед во државното првенство. Сабота од 12 е ден за семејно дружење. Сите резервации се прават преку сајтот, на линкот.
- Оние што како нас секој ден решаваат Зборле знаат дека зборовите почнаа да се повторуваат - сепак со пет букви има ограничен фонд. Сега на Михаил Стевчев му текнало да направи зборле со 6 букви - Шестерка.
- Кодот му е опен сорс на неговиот Гитхаб профил, а повеќе детали како одел процесот има во овој пост.
- Го пробавме денес и добро е - оди на линкот.
- Од 26 до 30 октомври 2026 година, Кино Фросина при Младинскиот културен центар и Џебното кино во Скопје ќе бидат место каде планините „зборуваат“ преку филмови, презентации, средби со гости и активности за сите генерации. Сите настани се бесплатни.
- ЕХО 17 носи петдневна програма, овојпат со 49 проекции од меѓународната селекција. Приказните ги спојуваат алпинизмот, планинарењето, спелеологијата, екологијата, културата, авантурата и секојдневниот живот во планинските заедници. Покрај филмовите, публиката ќе може да слушне домашни и странски гости, да присуствува на разговори и да ги доведе децата на детски работилници.
- Фестивалот се отвора во понеделник, 26 октомври, во 19:00 часот во Кино Фросина. Веднаш потоа Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ ја претставува пештерата Врело во Матка, најдлабоката пештера во светот истражена од човек, со длабочина од 338 метри. Првата вечер завршува со филмот „Фрост – приказната на животот“ на Том Сивел од САД.
- Програмата не е само за алпинисти и планинари. Таа е за секого што сака добра приказна за природата и луѓето. Ќе се прикажуваат филмови за големи искачувања, скијање, пештерски истражувања, диви реки, климатски промени, женски приказни од планината и заедниците што живеат покрај неа.
Програма по денови тука