Букбокс на Манаки: „Татковина“ (2026)

На претпоследниот ден на Фестивалот на филмска камера во Битола беше прикажан најновиот филм од трилогијата на Павел Павликовски, кој ги вклучува и „Ида“ (2013) и „Студена војна“ (2018). И овој се однесува на повоена Европа и е црно-бел. Но овој пат во фокусот е еден од најголемите германски писатели кои од надвор градел слика на аристократска воздржаност, но чии подоцна објавени дневници укажуваат на приватно длабоко несреќен човек. Овие контрадикции се огледало на длабоко поделената Европа помеѓу Запад и Исток по Втората светска војна. 

Кога Томас Ман во 1949 година повторно стапнал на германско тло, Германија веќе не била земјата што тој ја оставил зад себе шеснаесет години порано, по доаѓањето на Хитлер на власт, кога заминал во егзил. Во меѓувреме Европа била опустошена, а самиот Ман останал без германското државјанство. Сега, како Нобеловец и еден од најпознатите германски писатели, повторно бил повикан дома – од две различни Германии, од кои секоја сакала да го присвои неговиот културен авторитет. 

Токму во тој историски и личен парадокс се наоѓа јадрото на „Татковина“, новиот филм на полскиот оскаровец Павликовски, кој за него ја доби наградата за најдобра режија на овогодинешниот Кански фестивал. Kинематографер е неговиот долгогодишен соработник, Лукас Жал.

Но за да се процени зошто ова враќање е толку значајно, треба да се разбере каков бил Томас Ман пред да стане „големиот германски писател“. Роден во Либек во 1875 година, тој потекнувал од богато трговско семејство. По смртта на татко му семејниот бизнис пропаднал, а семејството се преселило во Минхен. Ман постепено се насочил кон пишувањето и во 1901 година го објавил „Буденброкови“, романот што ќе му донесе светска слава. Во 1929 година ја добил Нобеловата награда за литература.

Но во приватниот живот Ман бил многу посложена фигура од онаа на достоинствениот господин со мустаќи и цигара што денес лесно можеме да си ја замислиме. Бил исклучително дисциплиниран, суетен, свесен за сопствениот статус. Строго се придржувал кон својата дневна рутина и опсесивно се грижел за здравјето. Во исто време, зад таа буржоаска самоконтрола постоел многу посложен интимен свет. Неговите дневници, кои биле објавени дури децении по неговата смрт, откриваат силни хомоеротски тенденции и опсесивно самонабљудување. 

Во 1905 година се оженил со Катја Прингсхајм, со која ќе има шест деца: Ерика, Клаус, Голо, Моника, Елизабет и Михаел. Ман постепено станало нешто повеќе од книжевно семејство: неговите членови самите станале писатели, новинари, актери, интелектуалци и политички активисти. Таткото во почетокот не бил радикален политички противник на национализмот. Напротив, во текот на Првата светска војна зазел конзервативни позиции и ја бранел германската културна традиција. Но поразот и политичките промени во Вајмарска Германија постепено го менувале. Во 1922 година јавно се определил за демократијата, а во 1930 година, загрижен од подемот на нацистичката партија, го одржал познатиот „Апел до разумот“, предупредувајќи на опасноста од националсоцијализмот. 

Во 1933 година Хитлер дошол на власт. Ман во тој момент бил надвор од Германија, на предавачка турнеја. Неговите деца Ерика и Клаус, кои биле во Минхен, го предупредиле да не се враќа. И биле во право. Набргу неговата куќа била конфискувана, имотот бил запленет, а подоцна му било одземено и германското државјанство. Книгите на автори кои се спротивставувале на режимот биле палени, а Ман, кој сè поотворено го осудувал националсоцијализмот, станал еден од најпознатите германски писатели во егзил. 

Првата станица на егзилот била Швајцарија. Од 1933 до 1938 година Ман живеел со семејството во Киснахт, близу Цирих. Во 1938 година, по анексијата на Австрија, заминал во САД. Таму прво живеел во Принстон, а потоа во Калифорнија. Во 1944 година станал американски државјанин. Но егзилот за Ман не значел само физичко спасување. Тој постепено станал дел од неговиот идентитет. Ман можел да каже дека „Германија“ ја носи со себе – јазикот, литературата, културното наследство. Но прашањето било: што останува од „татковината“ кога државата што се повикува на истата култура го прогласува својот писател за непожелен?

Во Америка тој станал еден од најгласните германски противници на Хитлер. Од 1940 година преку радио емисиите „Deutsche Hörer!“ („Германски слушатели!“) им се обраќал директно на луѓето во Германија. За него, германското општество морало да се соочи и со сопствената одговорност. Токму затоа неговото враќање во 1949 година било толку чувствително. Германија веќе била поделена меѓу западните сојузници и Советскиот Сојуз, а новите политички структури се обидувале да создадат сопствени приказни за тоа што значи да се биде „вистинска Германија“. Во Франкфурт, во западната окупациска зона, Ман ја добил Гетеовата награда; потоа отпатувал во Вајмар, во советската зона, каде што ја добил и источногерманската Гетеова награда. Намерно не сакал да биде присвоен од една од страните. Во своите говори инсистирал дека неговата посета е посветена на цела Германија. 

Она во што филмот се разликува од реалноста е што во автомобилот со кој патува Ман не ја става историски коректната сопруга Катја, туку неговата најблиска интелектуална и политичка соработничка – ќерката Ерика. Како млада таа сакала да стане актерка, студирала глума и настапувала на германските сцени. Била темпераментна, независна и неконвенционална. Во дваесеттите дури била и автомобилска тркачка – нешто што во тоа време било доволно необично за да ја направи јавна фигура сама по себе. 

Нејзиниот вистински пресврт доаѓа со нацистите. Во 1933 година, заедно со братот Клаус и актерката Терезе Гизе, ја основала политичката кабаретска трупа „Ди Фефермуле“ („Мелница за бибер“). Кабарето било сатирично и отворено антинацистичко. По доаѓањето на Хитлер на власт, трупата била принудена да замине во егзил и продолжила да настапува во Цирих. Притисоците, забраните и заканите на крајот ја принудиле Ерика да ја напушти и Швајцарија.

Во 1935 година, откако на семејството Ман му било одземено германското државјанство, Ерика, oд практични причини, склучила брак со британскиот писател В. Х. Оден. Ова и овозможило да замине во САД. Од таму работела за Би-Би-Си и за американските воени информативни служби, а за време на војната станала и воен дописник. Била единствената жена која известувала од Нирнбершките процеси. 

Ерика, сепак, не била само политичка активистка. Таа постепено станала една од најважните луѓе во животот на својот татко. Го советувала, му ги уредувала текстовите, му помагала со англискиот јазик, го придружувала на предавања и често била негов посредник со надворешниот свет. Во подоцнежните години станала и една од главните чувари на неговото книжевно наследство. 

Токму овој јаз меѓу „Томас Ман – националната институција“ и „таткото Томас“ (како во ТАТКОвина) е еден од најинтересните елементи што Павликовски ги внесува во овој филм. Нештата притоа воопшто не се црно-бели, а трансформацијата на ликот на славниот писател кого го игра Ханс Зишлер е централен. Тој некаде по пат престанува да биде „обичен“ биографски филм за контроверзен лик и прераснува во истражување на длабоките контрадикции меѓу интелектуалната самоконтрола и емоционалното, телесното и интуитивното искуство. А она што може да го премости тој јаз е само уметноста - макар и изведена во разрушена катедрала, на расштимани оргули низ кои струи духот на Бах и ги возвишува душите и на живите и на мртвите. Тука, таткото конечно пушта горчлива солза по својот син и по својата татковина.

Илина, Букбокс

25 септември 2026 - 10:05