Во центарот на приказната за првиот „Црн петок“ биле двајца њујоршки финансиски шпекуланти, Џеј Гулд и Џим Фиск. Нивниот план во далечната 1869 година бил да купат огромни количества злато, вештачки да ја зголемат неговата цена, а потоа да го продадат со голема заработка. За да успеат, се обиделе да влијаат и врз владата. Преку Абел Корбин, зет на претседателот Улисис С. Грант, го убедувале претседателот да не продава дополнителни количества државно злато, бидејќи така неговата цена би продолжила да расте. Дополнително, нивен сојузник во Министерството за финансии им давал информации за владините трансакции со злато.
Кога претседателот Грант дознал за манипулациите, наредил продажба на четири милиони долари во државно злато. Цената нагло паднала – од 160 на 133 долари, а берзата доживеала сериозен потрес. Инвеститорите панично почнале да продаваат, брокерските куќи пропаѓале, а пазарот изгубил околу 20 проценти од вредноста. Особено тешко биле погодени оние што позајмиле пари за да купат злато по високите цени. Гулд навреме ги продал своите резерви и избегнал големи загуби, додека неговиот партнер Фиск, кого не го известил за продажбата, бил меѓу погодените. Три години подоцна Фиск бил убиен во конфликт поврзан со пари. Ниту тој ниту Гулд не биле осудени на затвор за скандалот.
Како тогаш името „Црн петок“ станало ознака за денот на големите попусти? Приказната се префрла во Филаделфија во 1950-тите, кога градот го посетувале голем број туристи за традиционалниот фудбалски натпревар меѓу воени академии за различни родови во војската, кој се одржувал во петокот по Денот на благодарноста. Полицијата имала дополнителна работа поради гужвите, сообраќајниот хаос и кражбите во продавниците. Полицајците затоа почнале да го нарекуваат тој ден „Црн петок“, а изразот постепено се проширил. Во 1961 година локалните власти се обиделе да го заменат со попозитивното „Голем петок“ (Big Friday), но без успех.
Дури во 1980-тите трговците му дале ново значење на името. Тогаш почнале да го објаснуваат „Црниот петок“ како денот кога продавниците преминуваат од црвената боја, која во сметководството означува загуба, во црната, која означува профит. Со големите попусти и почетокот на празничната сезона за купување, денот станал еден од најважните датуми во малопродажбата. Денес, првичниот петок одамна прерасна во повеќедневна, па и повеќенеделна шопинг-кампања, која се одвива и во продавниците и на интернет. Иронично, празникот што денес ветува добри зделки го носи името на еден од најпознатите финансиски крахови во американската историја.