„Прајмтајм“: вистинската приказна за телевизиското шоу зад новиот филм со Роберт Патисон

Што се случува кога телевизиска емисија ќе ја претвори борбата против сексуалните предатори во спектакл за милионска публика? Токму тоа прашање го отвора новиот филм „Прајмтајм“, со Роберт Патисон во улогата на реалниот новинар Крис Хансен. 

Роберт Патисон деновиве е во фокусот поради неговиот избор како следен Бонд - дури и луѓе од кои не би очекувале да бидат емотивни по ова прашање реагираат на овој начин. Но додека чекаме да му фаќаме сеир за таа голема улога, можеме да го гледаме во „Прајмтајм“, дебитански игран филм на Ленс Опенхајм, кој до сега беше главно познат по документарци. Тој го има и ко-режирано „Можете да видите сè“, новиот документарец за Елизабет Холмс, контроверзната а сега и осудена основачка на компанијата Теранос. 

Филмот се навраќа на вистинската приказна за американското шоу „Фаќање предатор“ (To Catch a Predator), кое стана телевизиски феномен со снимањето и јавното разоткривање мажи кои преку интернет се обидувале да договорат средби со малолетници. Но зад возбудата на гледачите постои многу понепријатна приказна: онаа за етиката на телевизискиот спектакл, одговорноста на медиумите и цената на гледаноста.

Емисијата се емитувала од 2004-2007 како дел од истражувачката програма „Дејтлајн“ на телевизијата Ен-би-си, во соработка со групата Первертед џастис, чии членови се претставувале како малолетници во интернет-разговори. Кога некој ќе се појавел на договорената средба, го пречекувале камерите и Хансен, кој по познатата воведна реплика „Ај седни малку...“ го соочувал со содржината на неговата комуникација. Меѓу метите на истрагата се нашле воени ветерани, свештеници, па дури и рабин. Но најпознатиот и најтрагичен случај бил оној на Бил Конрад, помошник-обвинител од Тексас. Во ноември 2006 година, непосредно пред телевизиската екипа да го сними неговото приведување, Конрад се застрелал во својот дом. Неговата смрт стана симбол на правните и етичките проблеми на емисијата: каде завршува истражувачкото новинарство, а каде почнува опасното медиумско режирање на јавен линч?

Филмот е заснован врз репортажата „Денес на Дејтлајн овој човек ќе умре“, објавена во списанието Есквајер во 2007 година од новинарот Лук Дитрих. Текстот детално ја реконструирал операцијата против Конрад и околностите што довеле до неговата смрт. Емисијата не престанала веднаш по трагедијата – последната епизода била емитувана дури во декември 2007 година, а Хансен подоцна тврдел дека шоуто едноставно го завршило својот природен циклус. Сепак, случајот ја засилил критиката кон методите на продукцијата, правните ризици и гладот за гледаност. Филмот, се разбира, внесува и драматуршки промени: на пример, љубовната афера на Хансен, која е прикажана како паралелна со успесите на емисијата, всушност била објавена во 2011 година, неколку години по нејзиното завршување.

Сепак, за „Прајмтајм“ е особено важно што не ја раскажува само приказната за еден контроверзен телевизиски формат, туку поставува прашање што останува актуелно и денес: колку далеку сме подготвени да одиме во име на правдата кога таа станува забава? 

24 ноември 2026 - 10:32