Микробиологот што стана нова ѕвезда на кантри-музиката

Понекогаш животната приказна звучи како да е напишана за филм: човек кој со години работел во научна лабораторија, а потоа, во петтата деценија од животот, застанува пред публика и станува едно од новите имиња на американската кантри-сцена. Тоа е Стивен Вилсон џуниор, кој на 18 ноември 2026 година во Нешвил ја доби наградата за најдобар нов изведувач на годишните Кантри мјузик асосијешн авардс. Со 47 години, тој стана најстариот добитник во оваа категорија.

Пред музиката, Стивен Вилсон помладиот имал сосема поинаква професионална биографија. Студирал микробиологија на државниот универзитет во Тенеси, а потоа работел како научник за храна во мутлинационалната компанија Марс, позната по своите благца (Баунти, Сникерс, Марс...). Паралелно пишувал песни, но долго време ги замислувал како нешто што ќе го изведуваат други музичари. По смртта на татко му во 2018 година, почнал и самиот да пее, а личната загуба станала важен извор на неговиот прв албум „Син на татко“, објавен во 2023 година.

На 18 ноември оваа година тој ја доби наградата за најдобар нов изведувач - и добро е што во насловот стои „нов“, затоа што „млад“ не би му одговарало - има 47 години. На кратката прес конференција (види долу) водителот му поставува прашање за „новопронајдената слава“. Одговорот на Вилсон е многу артикулиран и интересен. Додека научникот се обидува да ги разбере појавите до најситното молекуларно ниво, музиката, според него, содржи еден вид алхемија, со извор на инспирација што не може рационално да се објасни. 

На доделувањето на наградите тој настапи со ѕвездата на катри музиката Крис Стејплтон, заедно изведувајќи ја „Јас сум песна“. 

23 ноември 2026 - 10:00