Во време кога границата меѓу човечкото и машинското станува сè понејасна, Речникот на Кембриџ го избра зборот „човек“ (human) за збор на 2026 година. Кембриџ го дефинира зборот како нешто што ги има човечките особини, недостатоци и чувства, за разлика од боговите, животните или машините.
Според уредниците, употребата на зборот „човек“ добила ново значење во ерата на четботовите. Вештачката интелигенција сè почесто се користи за задачи што досега ги сметавме за исклучиво човечки, па зборот почнува да служи и за разграничување на она што го создаваат луѓето од она што го произведуваат компјутерските системи. Како пример се наведува зголемената употреба на сложенки како human-made („направено од човек“), со кои се нагласува човечкото потекло на некое дело или производ. Истовремено, се засилуваат и стравувањата дека со препуштањето на размислувањето на технологијата можеме да изгубиме дел од сопствените способности.
Развојот на вештачката интелигенција отвора дебата за тоа дали компјутерите некогаш би можеле да развијат свест. Еволуциониот биолог Ричард Докинс, на пример, изјавил дека по интеракцијата со некои системи останал со силно чувство дека тие се човечки. Скептиците, пак, укажуваат на суштинската разлика меѓу начинот на кој се развива човечкиот мозок и начинот на кој се создаваат и функционираат системите на вештачка интелигенција. Според Рејчел Адамс, експертка за управување со вештачката интелигенција и човекови права на Универзитетот во Кембриџ, технологијата нè враќа кон прашања што човештвото си ги поставува со милениуми: кои сме и што значи да се биде човек. Одговорите никогаш не биле конечни, но самото поставување на тие прашања е нешто што ни е заедничко.
Меѓу зборовите што биле во потесниот избор се нашле и „агент“ (agent), кој се однесува на системи на вештачка интелигенција што можат да извршуваат задачи без постојана човечка контрола, и „аналогно“ (analogue), поврзано со активности надвор од дигиталниот свет. Во изборот се нашол и зборот „благотворно“ (wholesome), кој опишува нешто што позитивно влијае врз човекот – физички, морално или емоционално.