Зад најголемите научни достигнувања на 20 век стои - пиварница!

Во новата биографија посветена на данскиот физичар Нилс Бор, објавена во октомври 2026 година, британскиот автор Филип Бол не се задржува само на научните достигнувања на Нобеловецот, туку се обидува да ја долови и неговата необична личност, страста за откривање и способноста да ги инспирира луѓето околу себе. Во ова последново има еден детал - Институтот што го формирал бил спонзориран од данската пиварница Карлсберг!

Според нова биографија за него од Филип Бол, нобеловецот Нилс Бор не бил исклучителен математичар, ниту пак неговата генијалност се состоела само во решавање сложени равенки. Неговата најголема сила била научната интуиција – способноста да поставува прашања и да препознава можности таму каде што другите сè уште не гледале јасна насока. По својот модел на атомот од 1913 година, со кој дал клучен придонес кон раѓањето на квантната физика, Бор не престанал да се занимава со проблемите што произлегувале од новата теорија. Неговата речиси опсесивна посветеност привлекувала млади научници кои подоцна и самите станале великани на физиката. 

Важна улога во создавањето на оваа научна заедница имал и Институтот за теоретска физика во Копенхаген, кој бил финансиран од необичен спонзор - Фондацијата Карлсберг. Неа ја основал во 1876 година данскиот пивар Ј. К. Јакобсен, со намера заработката од својот бизнис да ја насочи кон поддршка на науката, уметноста и културата. Таа го спонзорирал и спомнатиот Институт, основан во 1921 година, кој подоцна станал познат како Институт „Нилс Бор“. Така, зад една од најважните институции во историјата на квантната физика стои и една пиварница – пример за тоа како приватното богатство, произлезено од индустријата, може да стане долгорочна инвестиција во научното знаење.

Лабораториите се наоѓале на приземјето, а на горните катови имало сместување за истражувачите и соработниците, кои понекогаш престојувале неколку дена, а понекогаш и со години. Така се создала необична заедница во која научниците не само што работеле заедно, туку живееле, разговарале и ги споделувале своите идеи. Бор бил нејзиниот центар – човек со благ карактер, без изразено его и со сократовски начин на разговор, кој знаел да ги охрабри и недовршените идеи и да им даде признание на оние на кои им припаѓала заслугата.

Книгата посветува посебно внимание и на моралните и политичките дилеми што ја следеле научната работа на Бор. Иако неговиот модел на атомското јадро бил важен дел од научните откритија што ја овозможиле нуклеарната физика, тој немал значаен придонес во практичниот развој на атомската бомба за време на престојот во Лос Аламос во 1940-тите. Напротив, бил длабоко загрижен за последиците од нуклеарното оружје и сметал дека тајните на атомската енергија треба да се споделуваат и со Советскиот Сојуз, за да се спречи опасноста од нуклеарна војна. Овој предлог го довел во конфликт со британскиот премиер Винстон Черчил, кој го доживеал како наивен, па дури и предавнички. 

Бол ја разгледува и познатата посета на Вернер Хајзенберг на Бор во Копенхаген во септември 1941 година, по нацистичката окупација на Данска. Хајзенберг дошол да одржи предавања во германски институт, очекувајќи дека данските научници ќе присуствуваат, но тие го бојкотирале. Нивниот разговор за нуклеарното оружје бил исполнет со недоверба и претпазливост. По војната, Хајзенберг се обидувал да ја прикаже германската научна заедница како група што направила сè за Хитлер да не ја добие атомската бомба – верзија на настаните што Бол убедливо ја оспорува.

Од пиварница што инвестирала во знаење, преку разговор меѓу двајца физичари во воена Европа, до оружје што засекогаш ја сменило историјата – приказната за Бор потсетува дека науката никогаш не се одвива во вакуум. Таа е поврзана со богатството и моќта, со личните односи и политичките околности, но и со моралната одговорност за последиците од откритијата.

18 ноември 2026 - 10:10