Да му се оди на Васко

Промоција на книгата „ИСТА ПЕСНА ПЕАМ!!!“ од Васко Атанасоски.

Денот кога некој во СФРЈ одлучи дека децата во основно училиште не треба да ги учат словенечкиот и македонскиот јазик како задолжителни предмети – е, токму тогаш почна распадот на Југославија. Јазикот, песните, музиката, книгите, филмовите, сериите… Тоа се работите што ги зближуваат луѓето; ебате монетарната политика и извршниот совет.

Јазикот е заебана работа. Никогаш не сум го учел македонскиот, но го разбирам доволно добро за да не останам гладен и да не се избламирам (премногу) кога сакам да нарачам нешто за јадење.

Кога станува збор за музиката, ја разбирам совршено! Тука е Васко Атанасоски, кој е спакуван плутониум, а бендовите што ги предводеше ги одбележаа децениите на распад низ земјите на Јужните Словени. Понекогаш во најавата за некој од неговите концерти што ги промовирав (во фазата по Bernays Propaganda), пишував дека Васко е „Митар Мириќ на есид“. И понекогаш навистина е таков, иако има денови кога не е.

Но, низ сето тоа време – и пред и по постоењето на најголемиот регионален бенд од двеилјадитите – Васко пишуваше песни. Бесни, ангажирани, болни, брутални и тешки. Се сеќавам кога еднаш ми рече: „Човече, доста беше политика, сега пишувам само љубовни песни. Тоа за мене сега е панк!“ Човече, љубовните песни се навистина панк. Да веруваш и денес во моќта на љубовта и упорно, дури и тврдоглаво, да ја бараш во разни ужасни ситуации, места и меѓу одвратни луѓе – тоа е фрлање камења кон системот во неговата најчиста форма. „Ужасно ми фалиш“ е песна каква што некои бендови никогаш не создаваат, а за Васко е само една од многуте што тој ги напишал и кои станале важни за луѓето на кои им била потребна неговата поддршка.

Имам „милион“ ситуации со Васко од категоријата „Ваљда не го направи тоа“. Имам неколку десетици концерти на кои тој свирел и пеел, а по кои јас сум бил најсреќниот човек на светот. Имам стотици разговори со него од кои ме болел стомакот од смеење, но и десетици такви по кои повторно сум добивал желба да направам нешто важно (и лудо). Имам и десетина песни што ги чувам блиску до себе и што ми се прва помош кога тонам. Меѓу нив се и две на Васко.

Човече, сега издаваш панк книги, а?

Иван Лончаревиќ,
новинар, издавач и промотер од Белград

17 ноември 2026 - 12:21