Сè што треба да знаете за инфлацијата:

Како државата нè ограбува без да ги зголеми даноците

Кога ќе влезете во продавница и ќе видите дека цената на млекото или лебот повторно е зголемена, мејнстрим медиумите и политичарите веднаш ќе ви понудат виновници: алчни трговци, производители, војната во Украина, климатските промени или нешто сосема друго. Oд перспектива на либералната економија, сето ова се само паравани за прикривање на вистината.

Инфлацијата не е едноставно општо поскапување: зголемувањето на цените е само симптом. Нобеловецот Милтон Фридман го сумираше ова во една од најпознатите изјави во економската историја:

Инфлацијата секогаш и секаде е монетарен феномен.

Инфлацијата претставува пад на куповната моќ на парите, предизвикан од нивното неограничено создавање од државата и централните банки. Кога владата „од ништо“ создава милијарди нови евра или долари – за да ги финансира своите буџетски дефицити, социјални трансфери или како одговор на криза за која веројатно и самата придонела – во оптек се појавуваат повеќе пари кои „бркаат“ иста количина на стоки. Резултатот е математички неизбежен: секоја банкнота вреди помалку.

Според тоа, инфлацијата е најподмолниот и најнеправедниот данок – тивка кражба од штедачите и работниците, за која никој во парламентот никогаш не морал да гласа.

Иако уште од времето на антички Рим владетели ја намалувале содржината на сребро во монетите за да финансираат војни и раскошен живот, првиот човек што научно ја поврзал понудата на пари со нивото на цените бил познатиот астроном и математичар Никола Коперник. Во својот трактат „За ковањето монети“ од 1526 година тој јасно забележал дека парите губат вредност кога нивната количина прекумерно се зголемува.

Набрзо потоа, теолози и економисти од Школата од Саламанка забележале дека Шпанија не станала побогата од масовниот прилив на злато и сребро од Новиот свет; напротив, цените вртоглаво пораснале. Така тие ги поставиле темелите на квантитативната теорија на парите – која подоцна во 18 век ја разви шкотскиот филозоф и економист Дејвид Хјум, а во 20-тиот век ја популаризираше Фридман.

Кога политичарите ќе ја изгубат секоја мерка за печатење пари настапува хиперинфлација – точка во која валутата целосно колабира.

Унгарија од 1946 година е апсолутен светски рекордер. По Втората светска војна, цените се удвојувале на секои 15 часа. Банкнотата од 100 трилиони (со 20 нули) вредела само неколку американски центи. Луѓето буквално метеле пари од улици, бидејќи не вредело да се соберат.

Вајмарска Германија во 1923 година ги вклучила машините за печатење пари за да ги исплати воените репарации. Работниците ги добивале платите двапати на ден и брзале да купат леб за 200 милијарди марки. Со банкноти ги полнеле печките, бидејќи хартијата повеќе вредела како гориво отколку како средство да се купи огревно дрво.

Во Зимбабве во 2008 година инфлацијата достигнала 79,6 милијарди отсто месечно откако режимот на Роберт Мугабе почнал да печати пари за да ги покрие буџетските дефицити. Со банкнота од 100 трилиони зимбабвејски долари можел да се купи билет за автобус.

И СФРЈ во доцните 1980-ти години, пред реформите на Анте Марковиќ, почна да печати динари без покритие за да исплаќа плати во државните претпријатија што работеа со загуба. Кон крајот на 1989 година месечната стапка на инфлација се искачи на близу 2.700%.

Платата со која наутро можело да се купи телевизор, до вечерта едвај била доволна за нови чевли, забележува хрватскиот економист Иван Свијетличиќ во колумна за „Либерал“.

16 ноември 2026 - 15:54