Постојат безброј прилично сигурни начини да разликувате сиромашни од богаташи - впрочем, тешко е да ги помешате, нели? - а еден од можните е овој: сиромаштијата го сака пивото, а богатите ги сакаат..хм, пиварите. Па тогаш секој го купува она што го сака: бедните и гологазестите пиво, а властелата тук и таму купува (па продава) по некоја полначница на тој нектар за сиромасите, и сите среќни (секако во границите на сопствените можности).
Од каде ми се сега овие пивски реминисценции, умерено загорчени со зрна „класен пристап"? Па гледам овие денови околу себе како со фудбал и пиво опиениот плебс - и локално и глобално - се џари во телевизорите и многу ентузајстички срка од тоа течноста од хмељ (ем е дел од жанрот, „мажите знаат зошто", ем добро доаѓа на оваа жега), па си викам некој баш добро заработува од ова. Не, не мислам на фудбалските наемници, иако и ним ништо не им фали. Во исто време, читам во весниците дека Апатинската пивара (повторно) го сменила сопственикот: од сега таму газдува некоја американска компанија. Не дека ми е гајле, луѓето чесно си платиле. А до сега, чија беше пиварата? Ајде, колку од вас точно и веднаш знаете, без гуглање? Опуштите се, јас пред сè не сум сигурен; од историјата на случајот го памтам отприлика ова: во последните десетина години е направен вистински транзициско-глобализациски помор над војводинските пивари (бечејска, зрењанинска, панчевска, вршачка), а преживеаа (и богами доста пораснаа) според нечија проценка најжилавите и најперспективните, со најсилен бренд-факинг-нејм: апатинската и челаревската. Едната (челаревската?) веројатно ја купија некои белгиски пивски моќници, а другата веројатно дански. Хм, или холандски? Или Холанѓаните во некој момент ја купија од Данци? Или обратно? Како и да е, шерифот пристигна во градот, па сето тоа сега е американско. Или не е? Сакам да кажам: можеби таа фирма е американска онолку колку што е Апатинската пивара наша, односно, можеби е во сопственост на некој од, што знам, Боливија или Кореја? Јужна, безбели. Не е многу веројатно, но начелно е сосема можно.
Значи што имавме ние тука? Еден бренд (да сум Басара сега би рекол: да ви го набијам овој и сличните зборови на Црвениот ми бан!), многу локално дефиниран и со децении релативно локално трошен („апатинско"), во меѓувреме „национално" експандиран и интернационално сопственички преструктуриран, час овака час онака: просечниот конзумент за тие промени ниту знае, ниту има посебна причина да му е гајле. Она што некогаш не сакаа да го пијат ни две-три гратчиња подалеку, затоа што имаа некое свое поблиско, „посвое" пиво (кое факат таму беше и правено, од баш тамошен хмељ, вода и останато!), сега е една од многуте франшизи на бог знае која меѓународна мегакомпанија, чие име ништо не ви значи. И која кога ќе ѝ биде згодно ќе ја продаде пиварата на некоја друг, иста таква. Ако утре дојдат Марсовци да ја купат, никој нема да забележи. При што, види, крај локално дефинираните, „традиционални брендови" (кои денес се само навлекувачки термини за високо профитабилната индустрија на носталгија) еден од главните артикли пиво е она наречено Старпорамен, кое е секако „чешко". А по што е тоа баш „чешко", кога ништо што се наоѓа во тоа шише - тоа барем не е тајна - не ја видело Чешката Република ни на разгледница? Да го е*ам, веројатно според некој Таен Рецепт кој од колено на колено се пренесува веќе триесет и шест генерација Вацлави од брегот на В'лтава, заради кој би морале да ве убијат ако случајно го откриете. How Yes No. Или напросто според тоа што е некако добро (мислам, за имиџот и продажбата) пивото по некоја своја мистична суштина да биде чешко (а не словачко), баш како што е добро виното да биде француско (а не швајцарско) а пастата италијанска (а не санмаринска). А и пршутата ни е, кумашине, право од Његуш, чесен збор, жими Тито.
А зошто е тоа воопшто „добро", то ест, која потреба задоволува ова кај луѓето, или барем се прави дека ја задоволува? Можеби би можеле да ја наречеме потреба за автентичност? Не е значи тоа ни само прашање на квалитет („Чесите знаат што е добро пиво"), колку што е работата дека симболичката вредност на „изворното" е скапоцена стока, дури и со тенденција на раст. А од каде тоа воопшто? Па, токму затоа што таканаречена „автентичност" има се помалку - таа буквално изумира. Ете ти глобализациска квака 22: сè е денес од некаде и од никаде (од пиво преку телевизор па до состави на националните фудбалски репрезентации) и баш тој факт предизвикува своевиден психолошки отпор и копнеж по „стариот, поприроден поредок на нештата". Како се задоволува тој копнеж? Секако, не со утописко враќање во минатата состојба, туку со негово симболичко реинкарнирање, да не речам имитирање.
Оттука има нешто особено цинично во (глобалното, речиси) асоцирање на фудбалот и пивото. Тоа се работи, секако, од маркетиншки причини, но еден од нус-ефектите на оваа операција е чист апсурд. Како кога, на актуелното европско првенство се млатат оние руските и полските билмези (сите оверени патриоти од дното на кацата) околу уште потешки национални прашања, а потоа преживеаните одат да се налокаат студено пиво. Кое е, да кажеме, естонско, но се полни во Украина, од фински суровини, а инаку пиварата ја држат Луксембуржани. Иако сега ја меркаат некои од Португалија.
Еднаш така во Вуковар пиев некое пиво кое бучно се авторекламираше како „најдобро хрватско пиво", или нешто така. Само ако добро го загледаш во тоа ситните букви на декларацијата, ќе видиш дека е произведено во блиското Челарево, задна пошта 21413, Република Србија. Дали тоа значи дека некој тука ги измамил потрошувачите? Ма јок: тоа само значи дека им се обратил на еден изумрен јазик, знаејќи дека така најдобро ќе го разберат.
Има ли лек за ова? Всушност не, па колку и да е тоа добро или не. Освен ако сакате да чучите во Бајчетина и да печете ракија „дасковача". Маки по духот, тоа ти е.
автор: Теофил Панчиќ
извор: Време