Џеф де Бор уште како дете се воодушевувал од витешките оклопи. Речиси четири децении подоцна, тој е познат во светот на уметноста по тоа што ја одржува оваа древна вештина, но во минијатурна форма – создавајќи мали, сложени оклопи.
Ваквиот интерес кај него не бил само естетски, туку и симболички. Оклопите, вели тој, се една од првите форми на одбрана што живите суштества ги развиле за да преживеат. Растејќи во работилницата на својот татко, кој обработувал лим, де Бор и самиот изработувал оклопи во природна големина, но тие барале премногу време. Додека студирал изработка на накит, сфатил дека може да создава оклопи побрзо – ако се мали, како за глувци.
Првиот мини-оклоп го донел на предавање, каде професорите сфатиле дека тој не мора да се грижи за иднината на полето на изработката на накит, односно дека го пронашол својот пат. Рано изложувал по галерии и така започнала неговата уметничка кариера, која денес најмногу се состои од глувчешки оклопи (понекогаш и оклопи за мачки).
На прашањето „зошто?“, де Бор одговара дека исто како и накитот. Оваа уметност нема практична, туку истражувачка цел: темата на малиот и ранливиот, потребата од заштита, односот меѓу моќните и немоќните. Тој самиот често се чувствувал како „мал играч“ во уметноста и се идентификува со глушецот – суштество кое бара начин да се одбрани и да се снајде. Оклопот во неговите дела станува симбол на храброста што сите ја посакуваме.
Работејќи во мала размер, де Бор може да експериментира многу повеќе – неговите минијатурни оклопи содржат елементи од различни култури и традиции, од Скандинавија до Индија и Јапонија.
Покрај создавањето, тој држи и работилници каде што ги учи студентите како да моделираат, формираат и калат метал. Меѓу нив има луѓе од различни професии, од дизајнери на видеоигри кои сакаат да научат како да внесат реалистични детали во дигиталните оклопи, до почетници во металургијата што ги привлекува разиграната природа на проектот.
Де Бор се надева дека оживувањето на оваа древна вештина во форма ќе донесе радост и инспирација – можеби дури и ќе ги поттикне луѓето да ги „облечат“ своите симболични оклопи и да се соочат со сопствените предизвици.