Бжежински нè напушти, муџахедините ни останаа

Деновиве почина Збигњев Бжежински, човекот кој со децении беше еден од навлијателните лица на американската политичка сцена. Основач е на магловитата Трилатерална комисија и архитект на проектот за вооружување на авганистанските бунтовници против Советскиот сојуз, никулец од кој подоцна ќе бидат создадени ќелиите на Ал Каеда кои на 11 септември 2001 ќе ги посетат САД во не баш пријателска но работна посета.

Роден е во Варшава 1928 година, татко му бил дипломат кој службува во Франција, Германија и Канада каде се демисионира откако комунистите ја преземаат власта во Полска а семејството го преселува на фарма во канадската внатрешност.

Збигњев се школува во Канада и САД а на Харвард докторира политички науки со теза за тоталитарниот систем на СССР.

Од 1966 е дел од политичкиот совет на Стејт Департментот и бил советник во администрацијата на Кенеди, советник на Линдон Џонсон и советник за национална безбедност на Џими Картер.

Заедно со Дејвид Рокфелер, основач е на контроверзната Трилатерална комисија во која неколку години е и извршен директор.

Бжежински се смета за еден од апостолите на американската хегемонија и промотор на политиката на Студената војна и уривањето на Советскиот сојуз.

Како негов проект се смета вооружувањето на авганистанските бунтовници и нивното с'скање против советските трупи. Вооружувањето на муџахедините доведе до повлекување на Советите од Авганистан но и претворање на Иран во анти-западна исламска држава а подоцна и до формирање на Ал Каеда и доминација на Талибанците во Авганистан, држава во која САД веќе 15 години се заглавени.

Некои сметаат дека Бжежински намерно помага да се создаде Ал Каеда кога го убедува Картер да активира тајна програма на ЦИА која има за цел да провоцира советска интервенција.

„Не ги присиливме Русите да интервенираат но свесно ја зголемувавме веројатноста да го сторат тоа“, призна Бжежински во 1998, во интервју за Le Nouvel Observateur.

Шест месеци откако САД обилно ги вооружуваат муслиманските екстремисти, Русите се решаваат на интервенција која подоцна завршува со повлекување но Американците ќе немаат време многу да се радуваат бидејќи нивниот извозен производ им доаѓа дома - Ал Каеда во февруари 1993 година изведува напад на Светскиот трговски центар со камион полн со експлозив а на истото место ќе дојдат и авионски, на фамозниот 11 септември 2001 година.

Меѓу другото, Бжежински се залага за поддршка на чеченските сепаратисти и ликовите како Басаев и Масхадов, го поздравува бомбардирањето на Југославија, ја одобрува интервенцијата во Либија, портокаловата револуција во Украина и розевата револуција во Грузија (за шарената не се изјасни).

И што? И ништо. Си почина (мирно, вели ќерка му Мика која е водителка на MSNBC) на полни 89 години.

 

29 мај 2017 - 22:39