Џексон Полок сликал како што тоа го прави дете

Полок е познат по тоа што фрлал, истурал и распрскувал боја по платна поставени на подот, создавајќи хаотични, но впечатливи композиции. Научниците одамна се обидуваат да ги дефинираат закономерностите што стојат зад тие модели – меѓу другото и за полесно да се разликуваат оригинали од фалсификати. Но најнова студија фрла светлина и врз еден друг феномен, кој ги споредува начините на сликање на деца и возрасни токму преку делата на Полок.

Нова студија објавена во списанието Frontiers in Physics истражува како изгледаат сликите создадени со техниката на Џексон Полок ако истата ја применат деца и возрасни. Меѓународна група истражувачи побарала од деца од 4 до 6 години и возрасни од 18 до 25 години да создадат „полоковски“ слики со истурање боја врз платно. Подоцна ги анализирале резултатите со две статистички техники: фрактална анализа (која ја мери сложеноста) и тн. „лакунарност“ (која го покажува ритамот и „празнините“ во сложените структури). Побарале и луѓе да ги оценат завршените слики, а споредбено ги разгледале „Бр. 14“ на Полок и едно дело на Макс Ернст.

Откриле дека сликите на децата повеќе наликуваат на Полоковите дела отколку на оние на возрасните. Детските слики имале пониска фрактална димензија и повисока лакунарност – биле поедноставни, со помалку фини детали, но со поголем број „грутки“ и поголеми празнини меѓу нив. Возрасните создавале покомплексни структури со порамномерно распоредени траги од боја. Интересно е што дури и луѓето што ги оценувале сликите ги сметале детските за попријатни и поинтересни од оние на возрасните.

Авторите претпоставуваат дека ова се должи на разликите во телесната координација: кога човек се наведнува и истура боја над платно, телото постојано ги коригира движењата за да одржи рамнотежа. Возрасните имаат посуптилна контрола и прават многу фини прилагодувања, што резултира со покомплексни обрасци. Кај децата движењата се „потрапави“, што создава покрупни структури. Полоковата Бр. 14 се наоѓа точно на границата на возрасниот опсег, но поблиску до детските модели. Некои историски податоци сугерираат дека Полок имал ограничена мануелна координација уште од раѓање, што можеби влијаело врз неговиот стил. Делото на Макс Ернст, кој користел различна техника со висечки сад за боја што го насочувал со рацете, се вклопувало уште повеќе во „детскиот“ опсег, веројатно поради ограничените природни движења кои ги подразбирала техниката.

Студијата е дел од пошироки напори да се разбере Полоковиот креативен процес. Друга истражувачка група претходно утврдила дека Полок не „капел“ боја на класичен начин, бидејќи неговите линии не се однесуваат како течности што слободно паѓаат и завиваат. Наместо тоа, начинот на кој ја фрлал бојата создавале шари што во физиката се нарекуваат „флуидна механичка машина за шиење“, бидејќи линиите се движат странично во уредни обрасци налик на шивачки шавови. Според научниците, Полок внимателно ги избирал боите и ја контролирал брзината и висината за да спречи бојата да се распрсне пред да падне на платното. 

Без разлика дали станува збор за рамнотежа, фрактали или динамика на течности, научниците продолжуваат да бараат ред во неговиот привиден хаос. 

26 ноември 2025 - 19:11