Зошто има 60 минути во еден час?

Денес ретко размислуваме зошто денот има 24 часа, часот 60 минути, а минутата 60 секунди. Овој систем ни изгледа толку природен што речиси никогаш не го доведуваме во прашање. Но зад него не стои некој универзален закон, туку низа историски одлуки, цивилизации и практични потреби стари илјадници години. Дури и обидите да се создаде „пологичен“ систем не успеале да го заменат наследството што ни го оставиле древните народи.

Во 1793 година, за време на Француската револуција, новата републиканска власт решила да направи радикална промена: да го измени начинот на мерење на времето. Наместо денот да има 24 часа, бил поделен на 10 часа, а секој час содржел 100 децимални минути и 100 децимални секунди. Ова било дел од пошироката револуционерна програма за рационализација на општеството и отстранување на христијанските влијанија, при што бил воведен и нов календар со десетдневна недела.

Но реформата брзо се покажала како непрактична. Приспособувањето на часовниците било сложено и скапо, Франција се изолирала од соседните земји, а луѓето — особено во руралните средини - тешко го прифатиле фактот дека денот за одмор доаѓал на секој десетти ден. Поради тоа, децималното време траело нешто повеќе од една година.

За да се разбере зошто денес сè уште користиме 24 часа и 60 минути, треба да се вратиме илјадници години наназад, до една од најстарите цивилизации, сумерската. Овој народ, кој живеел во Месопотамија од околу 5300 до 1940 година п.н.е., не само што развил рани градови, туку создал и еден од првите познати системи на пишување и математички систем базиран на бројот 60.

Една од можните теории за изборот на бројот 60 е поврзана со човечката рака. Ако ги бројат зглобовите на четирите прсти (без палецот), може да се избројат 12 сегменти. Потоа, со прстите на другата рака може да се следат пет циклуси по 12, што дава вкупно 60. Иако оваа теорија не е целосно докажана, таа покажува колку практични причини можеле да стојат зад развојот на нумеричкиот систем.

Сумерите користеле мали глинени плочки за водење записи поврзани со земјоделството, даноците и администрацијата. Токму потребата за управување со сложено општество довела до развој на математички методи што подоцна влијаеле врз астрономијата и мерењето на времето. Во нивниот шеесетичен систем, наместо по 9 да се преминува на нова позиција како денес, тоа се случувало по 59.

Предностите на бројот 60 биле очигледни: тој лесно се дели со многу броеви - 2, 3, 4, 5, 6, 10, 12, 15, 20 и 30 - што значително ги олеснувало пресметките. Во споредба со бројот 10, ова било многу попрактично за трговија, распределба на земја или водење сметки.

Иако нема цврсти докази дека Сумерите директно го мереле времето како што го разбираме денес, подоцнежните цивилизации ја продолжиле нивната математичка традиција. Старите Египќани биле првите што го поделиле денот на часови. Прво се појавиле 12 часа за ноќта, поврзани со движењето на ѕвездите, а подоцна и 12 часа за денот, создавајќи го моделот од 24 часа што го користиме и денес.

Во Египет околу 1500 година п.н.е. се појавиле и првите сончеви часовници и водени часовници. На почетокот тие повеќе служеле за религиозни и ритуални цели отколку за прецизно мерење на времето во секојдневниот живот. Подоцна, Вавилонците го презеле сумерскиот шеесетичен систем и го усовршиле. Тие создале календар базиран на движењето на Сонцето и небото, што природно се вклопувало со поделбите базирани на бројот 60. 

Токму тие започнале дополнително да ги делат временските единици. Двојниот час, познат како „беру“, бил поделен на 30 помали единици наречени „уш“, а тие понатаму на уште помали делови. Иако овие мерки првично служеле за астрономија, тие постепено ја поставиле основата за современите минути и секунди.

извор

2 јуни 2026 - 08:58