Бафалото од Судан: Димитар Башевски за тоа како било да си новинар пред 50 години

Не толку одамна, да си новинар-репортер од далечни дестинации наликувало на акционен филм, во кој главниот лик требало да се соочи со нешто повеќе од прес конференции, мејлови и соопштенија. Таква е и оваа приказна, за едно известување Судан, кое е на граница на книжевност - полно сетилни впечатоци и ликови кои не се среќаваат во стерилните вести. Такво е, на граница на фикција, и затоа што до оригиналните материјали сега веќе е речиси невозможно да се стигне. Останува барем фрагменти да се спасат од заборавот.

пишува: Димитар Башевски

Пред неколку дена ми се јави Илина, која го уредува Букбоксот на офф.нет со идеја дека би било интерсно да се напише приказна поврзана со некоја моја новинарска мисија, за некое мое известување за случувања во странство, дека тоа би било интересно да се види како се одвивале тие нешта, дотолку што во оние години немаше интернет, а да не зборуваме за вештачка интелигенција.

Тоа е истата Илина која ми е ќерка и која, кога беше објавена мојата книга раскази „Мајсторот“, објави со мене интервју во кое јас зборував за одредени аспекти на книгата. Она што е особено во целата таа работа е тоа што е тоа прво и единствено интервју на ќерка со татко во нашата новинарска и книжевна историја, а сигурно е единствено и многу пошироко. 

Јас бев долги години новинар во „Нова Македонија“, секогаш во две области - во културата и во надворешната политика. Бев и четири години, од 1975 до 1979 година, постојан дописник од Атина. Во тие новинарски години имав и специјални новинарски мисии и известувања од странство – од Женевската мировна конференција за Блискиот Исток што се одржа од 21 до 29 декември 1973 година во Женева или од состојбите во Либан, борби и пукања, кој остана немирен до денес. 

Посебно интересно беше известувањето од Кипар, кога по државниот удар летото 1974 година, и по турската инвазија, симнатиот претседател Макариос се врати на островот, а јас за да одам таму морав да барам начин, бидејќи нормални патувања за Кипар тогаш немаше. Дознав дека руски брод врви преку Бејрут, во Либан, кон Медитеранот, а потоа се враќа, застанува на Кипар и продолжува низ Босфор кон Црното Море. Така стигнав на островот. Од известувањата за кои кажувам, посебно е она од Атина, од судењата на воената хунта во 1975 година, по нејзиниот пад, судења опишувани како „Грчки Нирнбершки процес“ и др. При специјалните известувања од странство, изворите на информации се во зависност од настанот, но во принцип во она време кога немаше интернет, сајтови и сл., информациите се бараа и се добиваа „во живо“, а се пренесуваа преку телефон. Во редакцијата извештајот го примаше стенограф, го отчукуваше на машина и го предаваше на уредникот. При тоа пренесување, се разбира, се случуваа грешки, но сепак не толку многу колку што човек помислува дека можело да има.
    
Јас овде малку пошироко ќе раскажам за една културна, а всушност повеќе новинарска мисија, во Судан, мислам беше тоа во 1973 година - за жал архивите ни се такви што дури и човек што бил директно вклучен во некој настан не може така лесно да се потсети на фактите. Во Судан бев испратен како југословенска културна „делегација“, како писател, тогаш доста млад. Ме пречека советникот на југословенската амбасада на аеродромот во Картум и бев сместен во убав хотел на вливот на Белиот и Синиот Нил. Потоа се сретнав со луѓе од суданските министерства, кои ме поврзаа најпрвин со директорот на суданската фимска индустрија, на чие име сега не се сеќавам, но кој беше поет и во претходната година учесник на Струшките вечери на поезијата, кога јас го запознав и по завршувањето на фестивалот, го зедов на гости дома во Скопје. Сега тој мене ми приреди раскошен ручек. За производството на филмови ми кажуваше дека во моментот немале некое производство, но дека правеле сериозни подготовки. Ручек ми приреди и еден шармантен млад човек од важна суданска фамилија кој завршил студии во Балград и се оженил за Србинка. При сето тоа, неминовно се зборуваше за војната што се водеше повеќе години на југот од земјата, каде населението е главно црнечко и предоминантно римокатоличко и бараше отцепување од арапскиот и муслиманскиот север.

Во еден момент решив да го свртам своето внимание кон новинарството, да направам репортажа за Судан и, ако е можно, и за југот каде што беа воените судири. Тоа им го кажав на луѓето од владата кои ми беа домаќини. Им предложив да ми дадат човек со камера и еден придружник. Не им беше лесно, но не можеа да ме одбијат, бидејќи јас доаѓав од кај Тито. Во Африка тогаш сите Африканци можеби не знаеја за Југославија, но сите знаеја за Тито. Летавме низ главните провинции на огромната земја надолу кон југот и се среќавав со гувернерите. Главната место на југот беше Џуба, едно гратче на висорамнина блиску до Екваторот. Слетавме на аеродромот со писта од црвена земја. Вечерта, во фоајето на хотелот (некогашна ловечка куќа на Англичаните), се сретнав со гувернерот на јужната провиција. Направив интервју во кое тој ми зборуваше за состојбата во земјата и посебно за позициите на државата од една страна и на ослободителното движење од друга. Судирите не престануваа ни дури кога во 1972 година Јужен Судан, со договорот од Адис Абеба, доби ограничена самоупорава. Војната траеше до 1911 година кога беше создадена независната држава Јужен Судан.

Се разбира, беше важно да одам понатаму. Беа доведени три камиони, од безбедносни причини, полни со вооружена војска. Јас во средниот камион. Тоа беа камиони и војска на официјалната држава. Возеа подалеку, во планините околу Џуба и на една висорамнина, војници ми кажуваа за немирите, но настојувајќи да ги прикажат главно многу поскромно отколку што беа, кои траеја многу години. Меѓутоа, во сето ова имаше нешто што недостигаше за целата слика, а тоа беше што јас не можев да имам контакт со востаниците. За таков контакт би било потребно посебно време, посебна технологија, посебни врски, а јас во никој случај не можев да се обидувам. Впрочем, јас бев гостин на владата на Судан. 

Вечерта на платото пред хотелот во Џуба залади. Таму, кај Екваторот, вечерите се ладни. Еден број луѓе шетаа или поседнуваа наоколу, меѓу нив и млади момци и девојки од племето Динка, восхитувачки извишени во своите живописни наметки (просечна височина на Динка луѓето е 181 cm). Моите придружници ми рекоа дека, ако сакам да се оженам со некоја Динка девојка, тие можат да ми ја договорат најубавата и од богата фамилија, што има повеќе од една коза. Но јас бев веќе вљубен и оженет во Македонија.

По онаа посета на околните ридишта со вооружените камиони, домаќините од Џуба ми дадоа една необична понуда: Дали би сакал да го посетам затворот во гратчето? Тоа беше посебен гест. Како во круг беа наредени ниски затворски зградички, а во средината простор во кој имаше наредени тезги врз кои затворениците нешто си работеа, си делкаа, си коваа мали нешта или си резбареа. Сето делуваше многу спокојно. Еден затвореник мене ми го подари за спомен црно-жолтото бикче, бафалче, со издигнати рогови, кое штотуку го имаше направено. Го беше направил од амбер, дрво со црно-жолто стебло. Подарок, непроценлив. Јас се сетив дека во малата кожна ташна што ја носев имав молив на кој пишуваше дека бил произведен во Југославија, „made in Yugoslavia”. Му го подарив на затвореникот. Тој го стегна со долгите прсти на раката и се насмевна. Му светнаа убавите бели заби. Верувам дека многу години бил горд што можел да ми го подари тоа бафалче.    

Финале: По извесно време откога се вратив од Судан, од суданската амбасада во Белград ми јавија дека стигнала важна пратка за мене. Тоа беше големата касета со филмот што го снимаше за мене камерманот од Картум. На тој филм, освен патувањето на југот, имавме снимено материјал и од самиот Картум, од Омдурман, за двата Нила, за Синиот и Бел Нил, разговори со повеќе луѓе и др. Го однесов филмот во Телевизија Скопје, договоривме да ја сработиме дефинитивно целата репортажа. Го снимивме со мене говорниот дел, а потоа требаше другото, монтажа и сл. Кога требаше да одам следниот пат, ми јавија дека им се изгубила касетата со филмот. 

Ја изгубиле.

Освен тоа, при едно селење, некој од луѓето што работеа на селењето, ми го украде бафалчето, драгиот, непроценлив подарок од затвореникот од затворот во Џуба.

8 август 2026 - 09:09