Денес црвениот тепих е синоним за слава: филмски ѕвезди, свечени премиери, награди, гламур и фотографи. Но неговата приказна е многу постара од Холивуд. Црвената патека со која денес ги поврзуваме Оскарите и славните личности има корени стари најмалку 2.500 години.
Една од најраните познати појави се среќава во античка Грција, во трагедијата „Агамемнон“ од Есхил. Кога кралот се враќа како победник од Тројанската војна, неговата сопруга Клитемнестра му подготвува свечен пречек и пред него поставува патека од темноцрвени ткаенини. Но самиот крал се двоуми дали воопшто смее да стапне врз неа. Тој знае дека е само смртник, а црвената патека е симболично наменета за богови. Неговото двоумење сепак нема да го спаси: набргу потоа ќе биде убиен.
Црвената боја со векови била поврзувана со моќ, богатство и престиж, делумно затоа што црвените пигменти биле тешки и скапи за производство. Особено ценета била црвената боја добивана од кохинеални бубачки од која се произведувала кармин. Во Америка оваа техника ја користеле Ацтеките и Маите уште во 15 век, а до 17 век оваа супстанца станала исклучително вреден извозен производ.
Во 19 век црвениот тепих почнал да се користи и за свечено пречекување на политички личности. Во 1821 година, кога американскиот претседател Џејмс Монро пристигнал во Џорџтаун, Јужна Каролина, за неговото симнување од речен брод бил поставен црвен тепих. Со текот на времето тој станал вообичаен декор на официјални пречекувања.
А изразот „третман како на црвен тепих“ најверојатно е поврзан со железницата. На почетокот на 20 век, Њујоршката централна железница вовела специјален експресен патнички воз, чии патници биле пречекувани со црвен тепих. Тој не бил само украс – им покажувал каде треба да се качат.
Вистинската љубовна приказна меѓу црвениот тепих и филмските ѕвезди започнува во Холивуд. Во 1922 година, пред Египетскиот театар во Холивуд бил поставен долг црвен тепих за премиерата на „Робин Худ“, со Даглас Фербанкс во главната улога. Во следните децении тој станал едно од ретките места каде што публиката можела одблизу да ги види своите омилени филмски ѕвезди. На доделувањето на Оскарите црвениот тепих првпат бил поставен во 1961 година, а неколку години подоцна телевизиските преноси почнале да ги снимаат и пристигнувањата на гостите пред влезот. Од тој момент црвениот тепих станал подеднакво важен дел од церемонијата како и самите награди.