"Има ли проституција на македонската естрада" беше прашањето кое Канал 5 во дузина наврати (најави, џинглови) цел ден бомбастично го најавуваше за својот централен дневник. Има ли проституција, еднаш, има ли проституција, двапати, петпати... и човек ќе седне да види што е фрката и што ли истражувачката репортерска ергела на националниот тв концесионер ќе обелодени во своите вести.
Притоа, во џингловите беше најавувана и специјална гостинка која отворено ќе проговори на скокотливата тема. И, конечно ѝ доаѓа ред на таа фамозна и профи напумпана дилема, навистина се појавува извесна фолк пејачка Сани (која симпатично потклекнува на скоро секој одговор), по пар загревачки прашања (што е постаро: гласот или силиконот?) водителот на вестите директно ја прашува упатената гостинка
- Дали има проституција на македонската естрада?
Сани внимателно го слуша прашањето и одговара:
- Не, нема.
И дец ит, одиме на метео прогноза :)))
Вака изгледаше тој шокантен ексклузивитет:
Очекуваме од Канал 5 и во иднина да го продолжи овој чудноват начин на информирање, тоест да прави бомбастични прилози на теми кои - не се теми.
Отприлика, цел ден да ја излудува својата публика најавувајќи вакви прашања:
Дали струјата навистина ќе поскапи 285 посто?
(Не, нема)
Дали Албанците ноќеска планираат масовен покољ во центарот на Скопје?
(Не, не планираат)
Дали се најдени вируси на ебола, чума и ХИВ во неколку детски градинки во Македонија
(Не, не се најдени)
Дали Канал 5 има појма што прави со своите вести?
(__________________________)