Колку точно чини еден високопозициониран шпион?

Иако светот на шпионажата е опасен свет, зачудувачки колку малку се плаќаат тие кодоши. Што би рекол Рамбо Амадеус „не ради курва оно због пара, веќ зато што воли мужа да вара.“

Во филмовите, двојните агенти примаат куферчиња полни со (неодбележани) банкноти. Кога во прашање е Џемс Бонд, не се штеди на коли, гаџети, хотели и гламурозни локации.

Во реалноста, тие проклети шпиони (и неразбрани трговци) се далеку поевтини, сугерира сторија на Инсајдер.

Еден конкретен шпион бил член на научен комитет на НАТО што се занимавал со подводни истражувања, кога станал предмет на контраразузнавачки интерес. Во комитетот чија цел биле истражувања во полза на воени бродови и подморници на Алијансата, Кина успеала да инсталира двоен агент, во ликот на естонскиот поморски научник Тармо Коутс, кој станал потпретседател на комитетот.

Контраразузнавачките информации за него, кои секогаш прво се финансиска форензика и следење на личната економска активност, покажале дека Естонецот е набавен бадијала. За две години, тој Кинезите ги чинел само 17.000 евра.

Дури и најопасните шпионски ангажмани, оние кои пренесуваат западни воени и безбедносни тајни во Русија и Кина, на годишно ниво се колку една луксузна кола, наведува сторијата.

Кога ќе се спореди колку пари некој реално заработува со тоа како живее, можно е да стане сомнителен дека располага со некои екстра приходи, објаснува финансиски форензичар.

Кинезите биле претпазливи и намерно не се расфрлале со пари за нивниот човек во комитетпот на НАТО да не привлече непотребно внимание. Дел од неговиот шпионски хонорар одел во патувања и апгрејди на хотелски аранжмани кои полесно се маскираат.

Иако нивниот илегален ангажман е крајно опасен и носи ризик остатокот од животот да се мине зад решетки, зачудувачки е колку малку пари добиваат.

Од познатите случаи, само петмина Американци добиле хонорар од еден милион долати за да ја шпионираат својата земја, и тоа во кариери кои знаеле да траат и две децении.

Олдрих Ејмс од ЦИА и Роберт Хансен од ФБИ се едни од најпознатите случаи: Ејмс формално работел како контраразузнувач кој го покривал СССР а Хансен бил високопозициониран контраразузнувач во Федералното истражно биро.

Ејмс за 20 години бил платен околу 1,4 милиони долари а Хансен примил меѓу 800.000 и еден милион долари па испаѓа дека нивниот годишен шпионски надомест изнесувал меѓу 40.000 и 70.000 долари по човек.

Вреди ли, м?
 

* повеќе за ликот на фотографијата

 

3 мај 2021 - 19:50