Не така одамна, се сеќавате, г-дин Палма, угледниот градоначалник на Јагодина и личниот погонски фактор (читај: трактор) на сите српски владеачки коалиции, тропна нешто во стил дека на увце му свиреле сите што нешто значат, освен оние Моцарти и Бетовени, затоа што тој бил уште 'млогу мал' кога тие харале по естрадата...Иако Палмотије подоцна се вадеше дека само се зафркавал (што да ви кажам и не е исклучено, шерето е тој), неговиот реторички бисер беше предмет на сеопшт сеир затоа што некако испадна дека нема ни најблага претстава во кое столетие живееле и компонирале тие Моцарти и останати Бетовени, а камоли да знае нешто друго за нив (освен дека некој 'цигули мигули' е погоден за денови на жалост, знаете она кога ќе умре другарот Тито или Патријархот). Накратко, пресудено е со акламација дека на Палма му фали „општа култура", а тоа е, нели, недопустиво во нашето инаку напредно и просветено општество.
Се сетив на оваа откачена епизода со Палма заради еден сосема свеж пример со некако „спротивен" предзнак. На Департманот за филозофија (у, ебате, департман!), на Филозофскиот факултет во Ниш, заинтересираните деца полагале приемен испит, чиј дел е и „тестот за општа култура". Едно од прашањата беше и: „Новиот хит на Јелена Карлеуша во насловот ги спомнува библиските градови: а) Назарет и Витлеем; б) Ерусалим и Ерихон; в) Содома и Гомора". Па ти бате, сестро, заокружи го исправниот одговор! Признавам, јас не би знаел, иако Содома и Гомора ми се некако најсомнителни.
Во секој случај, некои деца и родители се жалеле на таквото прашање и кукале дека тоа „не е ниво", и што има некој кој еден ден би сакал да биде филозоф или барем средношколски професор да знае за Карлеушините песни, се распишуваа и весниците, еве и деканот на факултетот се згрози и рече дека ќе ја испита работата, но дека е против тоа, затоа што од децата треба да се очекува да го знаат Платон и Аристотел, а не таму некоја Карлеуша. Во некоја рака тоа е во ред, иако уште не сум чул за тинејџерска журка на која се пеат Платоновите и Аристотеловите greatest hits.
За што се работи тука и кој е во целата оваа приказна „некултурен"? Би било фино да има некој еднозначен одговор, но не би рекол дека е така. Од една страна, имаме проблем на етаблирана, „висока култура" (секако најизразена токму во академските институции), која сè што спаѓа во некаков попкултурен регистар го смета за помалку вредно и нерелевантно, нешто што со самото тоа не може да спаѓа во фундусот на „општата култура", значи на она што начелно би морал да го знае секој кој претендира на статус на образован и просветен, ерго културен човек. Ако тоа доследно и буквално го толкуваме, испаѓа дека може да се биде културен и без какво и да е знаење за барем клучните песни на Ролинг стоунси, за најдобрите скечеви на Монтипајтон, за Ѕвездените стази, Алан Форд или за иконографијата на панкот или гранџот. Па, може ли? Секако дека не, ни во лудило! „Популарната" култура едноставно е легитимен и неодвоив дел од современото културно богатство и ново наследство.
Но приказната сепак има и друга страна. Јелена Карлеуша, јбг, не е ни Џегер ни Џон Клис, дури не е ни Тома Здравковиќ ни Есма Реџепова. Нејзиниот лик и дело секако поседуваат одреден вид феноменолошка занимливост, но тешко дека имаат некаква инхерентна „естетска" вредност. Не е тоа „ништо страшно", ниту треба на кој и да е начин да се навредува и потценува: таа има свое место под ѕвездите, и тоа е сосема во ред. Што би рекол Лала од вицот: „Убаво е - кој го сака тоа". Само што тогаш тоа нужно значи дека нејзините песни не можат да бидат неспорен артефакт на „општата култура", дека тие го немаат тој потенцијал, а дека него го имаат на пример безбројните „кафански" тажаленки на Тома З. или Недеља на Џеј Р., на пример. Секако, ова е само моја субјективна (иако 100% точна!) проценка, а времето е мајсторско решето.
Ми се чини дека ова разликување на нивоата не е претерано тешко за разбирање, но веројатно грешам, затоа што ме демантира сопственото искуство...Не беше толку одамна кога популарната ЈК се огласи по повод правата на ЛБГТ заедницата, и јас со цело срце ја поддржав нејзината соодветна „интервенција во јавниот простор", иако искрено спомнав дека баш и не ми е до нејзиното музичко творештво. Што следеше? Во прв момент на мое изненадување, а потоа и на голема забава, ме нападнаа од сите страни! На едните им беше страшно што како било и во што било подржувам Некоја Си Таму Певаљка, и дека се согласувам со неа кога таа по дефиниција е Фуууј, а други пак ме обвинија за дистанцирање од нејзината инаку генијална музичка кариера, и културолошки епохална појава, и дека тоа е толку бедно граѓанско-елитистички од која и да е страна...Така ви иде тоа кај нас: или имате „стрејт" снобизам со неговите досадни црно-бели светови, или пак овој постмодерен, антиснобистички снобизам, кој вредностите ги толкува едноставно како нешто-што-не-му-се-допаѓа-на-естаблишментот (што и да е тоа „естаблишмент, најчесто баш ништо, само замисла на оние на кои им е потребен како реторички противник).
Треба ли резиме? За пофалба е обидот на авторот на тој нишки тест во корпусот на „општата култура" да инкорпорира нешто што не спаѓа во општите места и во одамна канонизираниот цивилизациски багаж, нешто што се создава и живее тука и сега, и тоа во еден „неакадемски", симболички снижен (естрадно)музички регистар. Само што конкретниот пример за тоа е можеби несреќно одбран. А можеби па и не е: можеби денешните клинци навистина и мораат да знаат да го разликуваат Витлеем од Содома и Ерихон од Гомора - секако само според евангелието на Карлеуша? Понекогаш минувам под некој прозорец зад кој се распалува тинејџ-журка во пијана распашаност; во иднина повнимателно ќе наслушнувам што пеат, човек секаде може нешто да научи. А општата култура, браќа и сестри, тоа ви е едно нешто во постојано, доживотно превирање: „конечен список" на нејзините состојки не постои, и никогаш нема ни да го има. Но токму како таква, насушно ни е потребна, иако факат не се сипа во трактор.
автор: Теофил Панчиќ
извор: Време