
Во последниов век, холивудскиот натпис стана симбол на Лос Анѓелес и културна икона препознатлива ширум светот. Сместен на ридот Маунт Ли, тој првично бил поставен во 1923 година како привремена реклама за нова станбена населба наречена Холивудленд. Натписот бил составен од 13 огромни букви, високи 14 метри и широки 9 метри, направени од дрво и метал, осветлени со околу 4.000 светилки кои трепкале во серија: „HOLLY“, „WOOD“ и „LAND“. Целта била да се поттикне одреден животен стил, а не да се слави филмската индустрија.
Иако требало да трае само 18 месеци, натписот останал, бидејќи во исто време растела и филмската индустрија во ЛА. Но, со големата економска криза од 1930-тите, неговото одржување било занемарено и конструкцијата почнала да пропаѓа. Натписот добил и мрачна репутација, откако актерката Пег Ентвисл, која не успеала да се пробие во филмската индустрија, извршила самоубиство скокајќи од „Х“-то.
Во 1944 година, сопствениците на земјиштето го донирале натписот и ридот на градот Лос Анѓелес за симболичен износ од 1 долар. Натписот бил во лоша состојба – буквата „Х“ веќе била срушена од невреме. Првично било одлучено да се сруши целата конструкција, но Холивудската стопанска комора се заложила за нејзино спасување и финансирала реконструкција, при што бил отстранет делот „LAND“ и останал само „HOLLYWOOD“.
До 1970-тите натписот повторно бил во распаѓање, уништен од времето и вандализам. Во 1978 година, рок ѕвездата Алис Купер предложил да одржи концерт и да донира средства. Меѓутоа, по проценката на конструкцијата било утврдено дека старата конструкција не може да се спаси и дека е потребно целосно ново изведување, овојпат од челик, со длабоки бетонски темели, што чинело тогашни 250.000 долари.
Во мај 1978 година започнала кампањата „Спаси го натписот“, а следниот месец Хју Хефнер организирал добротворна забава во својата вила за собирање средства. Купер бил првиот што донирал – ја финансирал последната буква „O“, посветувајќи ја на својот пријател, комичарот Гручо Маркс. Потоа донирале и други познати личности и компании – пејачот Енди Вилијамс, филмското студио Ворнер Брос, пејачот и актер Џин Отри и други.
Старата конструкција била срушена, а новиот натпис бил изграден од челик, тежок 240 тони. Тој станал симбол на Холивуд и на илузијата на филмската слава. Натписот редовно се појавува во филмови, но често во сцени каде се уништува – како во „Супермен“ (1978), „Денот по утре“ (2004) и „Сан Андреас“ (2015). Често бил и менуван како форма на изразување – во 1976 година студентот Дени Фајнгуд го претворил во „HOLLYWeeD“ поради либерализацијата на законите за марихуана, а во 1987 година, при посетата на папата Јован Павле Втори, бил претворен во „HOLYWOOD“. Во текот на милениумската ноќ, натписот бил осветлен во боја за првпат по 60 години. За време на церемонијата на затворање на Олимписките игри во Париз, буквите „O“ биле искористени за долните кругови од олимпискиот симбол, како најава на Олимписките игри во Лос Анѓелес во 2028 година.