Чекајќи да се наталожат листи за најдоброто во 2013 во различни уметнички жанрови, се обидуваме да фатиме алтернативен пат, и да ви ги претставиме исклучоците на годината, оние по малку извртените, игривите и нетипични културни производи кои тешко се категоризираат. Така, пишувавме за најдобрата е-книга за 2013 која е всушност видео игра, или за најдобрата илустрирана биографија која всушност се однесува на личност која не постои. „Филм 43", пак, според многумина е најлошиот филм на годината. И тоа би било супер повод за негово претставување. Кога навистина би било така.
Кога се појави во јануари оваа година тој пожнеа ни помалку ни повеќе туку 11 лоши оценки на водечките сајтови за филмски критики и извиканите културни рубрики, од Њујорк пост до Њујоркер. Ричард Репер, колумнист и филмски критичар во Чикаго Сан Тајмс, кој со години ја водеше телевизиската серија At the Movies со Роџер Еберт, го нарече „Граѓанинот Кејн на одвратното", додавајќи дека доколку би постоело сино апче кое би можело да избрише спомен за само еден гледан филм, тој би си го употребил токму за овој. На Rotten Tomatoes филмот има 5% (значи катастрофа), а на IMDb само две ѕвездички. Тој заврши и на Списокот најлоши филмови на сите времиња на Википедија, кој се прави врз основа на критиките кои ги добил одреден филм од „авторитетни извори".
После сето ова би требало да е јасно, дека филмот не е за гледање. Ама екстремноста на реакциите и нивната едногласност некако ни се видоа сомнителни. Зарем е можно филм во кој глумат Хју Џекмен, Кејт Винслент, Ема Стоун, Џерард Батлер, Наоми Ватс, Ума Турман и Ричард Гир (да, добро прочитавте), секој од нив платен со по само 800 долари за нивниот придонес, да биде ТОЛКУ лош што ниту едно студио не сакало да стави рака на него, се снимал скоро десет години, а неговата премиера поминала без никаква најава и медиумска помпа (освен ако не ги сметаме касапски настроените критики кои следеле)?
„Филм 43" на Питер Фарели е замислен како омнибус од 14 кратки филмчиња од 13 режисери и 9 сценаристи. Постојат две монтирани верзии, британска и американска - во првата, која ја гледавме, група тинејџери се обидуваат на интернет да најдат митски филм наречен „Филм 43" кој „откако ќе го изгледаш не можеш да го од-видиш", што е всушност мото на реалниов „Филм 43". Единствен заеднички мотив на сите делови е чувството на зазорност, непријатност и одвратност кои го создаваат, преку приказни кои вклучуваат скатологија, гениталии кои место од меѓуножјето висат од вратот, правење гуакамоле со цицка, вербално и физичко насилство врз елфови, деца затворени во машина за фотокопирање, до анимирано маче што мастурбира на фотографијата на неговиот сопственик. И за апсурдноста да биде поголема, сето ова во изведба на големи холивудски актери, чија согласност да учествуваат во ваков луд проект е сама по себе лудост. Исто како што изгледа лудо аналитички да пристапиш на ваков филм, тврдејќи дека тука „сепак има нешто".
Дали е можно филмот на Фарели да е гротеска, чија тешка артилерија е насочена токму кон Холивуд, индустријата за забава и современата култура воопшто? Еден од најаките делови („Домашно образован") е за родители кои одлучиле нивното дете да заврши средно училиште дома, но му го надоместуваат недостатокот на социјални искуства кои би ги имал доколку би одел на „нормално" школо со тоа што го понижуваат на сите можни начини, од тролање дека има мал пенис, сопнување по „училишните" ходници и јавно срамотење (со снимки онлајн). Целата таа симулација делува шокантно, иако ништо од предизвиците на средношколскиот живот не е измислено, туку само дислоцирано од неговиот природен контекст. Така се постигнува карикатурален, но и поучен ефект - училиштата (основните, средните и универзитетите) не се „катедрали на умот" и „храмови на знаењето" туку бојно поле за меѓугенерациска и внатреполова пресметка, која мора да се помине за да се порасне. Ќе раскажува оној кој ќе преживее.
iBabe, делот во кој глуми Ричард Гир, зборува за модел на ем-пе-три плеер, кој изгледа како жива и гола жена. Но тој има една маана: вентилаторот е поставен токму кај гениталиите, што довело до осакатување на голем број корисници, кои се обиделе да го користат плеерот не само за музика, туку и како секси кукла. Што прави компанијата кога после бројни несреќни случаи конечно го сфаќа проблемот? Промовира уште еден, ист таков модел, само црнкиња. Вентилаторот останува на истото место, а технологијата продолжува (буквално) да сакати и да кастрира.
Ова се само неколку илустрации за подлабоките пораки на филмот, кој навидум е хаотична збирка од муабети на табу теми кои би требало да бидат смешни. А не се, и тоа не затоа што глумците не чинат, затоа што сценариото е површно или затоа што буџетот бил мал, туку затоа што филмот прикажува една таква состојба на современата култура која е повеќе од тажна. Во еден од деловите Хали Бери и нејзиниот „блајнд дејт" играат „Вистина или предизвик", измислувајќи сè поекстремни и поекстремни задачи со кои сакаат да ја тестираат храброста и издржливоста на другиот. После ред апсурдни постапки, тетоважи и пластични операции тие не само што не личат на себе, туку веќе не личат ни на луѓе. Ако некој се згрози од својот лик во огледалото на овој филм, не ќе да е до филмот. Него сепак можеш да го од-видиш, па макар и со сино апче. За да го од-видиш животот треба цела аптека.