Доста веке за болеста! Сите ja знаеме и сити сме од дијагнозите. Постојано ja чепкаме и отвараме раната. Тешко ja поднесуваме болеста затоа што знаеме што е здравје, затоа што сме горди и затоа што копнееме да најдеме иљач.
Еве некои од состојките на нашата приказна на кои сум длабоко горд:
Горд сум на нашиот жив принцип на парадоксалност: Анти логика не како ирационалност туку како принцип на живот. Слобода на итарпејовска јуродивост, итрина, снаодливост. Слобода на глупоста. Обратност на перспективата. Свест дека животот не може да се сфати со ум, ниту може рационално да се исцрпи неговата смисла.
Горд сум на нашите ритуали на живеење. Фамилија, прочка, слава, амкање со јајца, прегрнување, отворена емоционалност, прифаќање, помирувачка моќ, игривост, телесност, тактилност, затво-рање очи на песни, зурли и тапани, сарма, лубеница, пинџур и бурек, внатрешни лавиринти на заедништво и кругови на љубов, некаква постојана детска радост и возбуда околу мали нешта.
Горд сум на светата строгост и сведеност на нашите икони и фрески. Кај и да чепнеш, палимпсеста на раскошен дух, ризници на заумна уметничка артикулација. Божествена патина.
Горд сум на нашата сериозна историја на паметење, питомост и кроткост и почит за различноста, Талмуд школи во Скопје и Битола, мудрост на соживот, извесна историска резигнација и зрелост, увид дека животот е сериозна појава, дека има смисла да се зборува само за метафизика, само за смислата сама.
Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост, жив сум и гладен сум за живот. Знам дека ме има, според нападите со кои работат да ме снема. Знам дека сум, според упорноста со која се трудат да не сум. Мојата жилавост излегува од аванот во кој ме толчат и тиганот во кој се крчкам. Токму тој аван и тој тиган се моите места на моќ.
Се разбира овие македонцки работи се меч со две острици, термините кои ги употребувам се контаминирани, можат да налеат масло на оган. Страста која ja имаме е и храна и отров, може да ни го стопли домот и да ни ja запали куќата, погонско гориво и за льубов и за омраза. Нашите најдобри особини лесно знаат да ни го свртат грбот и да работал против нас. Но во нашите проблеми се нашите решенија. Дедо Цепенко не учи: Кај што паѓа чоек, таму и станува.
Лани славевме стогодишнина од Илинденското востание:
Илинден и Крушевската република се една од нашите најголеми приказни:
тие се нашата мета нарација. Зошто оваа приказна така жилаво опстојува и не опседнува? Несомнено затоа што нè уверува дека иако сме мали, можеме да кренеме глава, да пуштиме глас, да избориме право на своја историска судбина. Со еден збор, дека сакаме да нè има, дека имаме волја за себе самите.
До пред десетина години, Македонија беше во Источна Европа. Значи, како-така, сепак во Европа. Но таа приказна се распадна и Источна Европа веќе не постои. Ние се најдовме само на Балканот, и тоа во неговиот западен дел, поттурнати во третиот свет, не само некомплементарни на Европа туку и некако спротивставени со неа, како ориентален приврзок, како темно огледало на кое таа ги проектира своите стравови. Тоа е нова, грда и опасна страница во приказната.
И како сега да се мислиме себеси? Како одново да се европеизираме, кога Европа се пази да не се балканизира? Како да се видиме, да се измериме, да поставиме дијагноза, како да го наместиме нишанот? Водиме тешка и исцрпувачка дебата по овие прашања.
Едни велат дека исклучиво Европа е виновна за нашата незавидна положба, дека треба да ѝ се сврти грб на таа блудница, дека можеме без нејзината отуѓеност и јаловост, во однос на кои ние сме органичност, потенција и спонтаност.
Други велат дека исклучиво ние сме виновни за cè, дека треба да си свртиме грб на самите себеси, да ѝ бакнеме рака на Европа и да ѝ појдеме во прегратка со првиот авион, со карта во еден правец, само подалеку од овој хаос, анархија и насилство, во однос на кој таа е ред, богатство и чистота.
И двете позиции се инфериорни и само го потхрануваат европското егзотично клише за нас: во првата приказна ние сме наакани самобендисани бабаити, а во втората лигави некритични епигони. Двете приказни меѓусебно се исклучуваат - нудат или cè или ништо, или пекол или paj и ништо помеѓу - никаков овоземски живот. Тие се малодушии и се темелат на негативна идентификација: не знам точно кој сум, но точно знам кој не сакам да видам. Тие приказни се мрзливи и пасивни, избегнуваат анализа, работа и одговорност и мелодрамски тврдат дека заслужуваме повеќе.
Но во политиката, како и во бизнисот (или конечно, како во жирирањето на театарски фестивали), не го добиваш она што сметаш дека си го заслужил туку она што ќе успееш да го избориш, да го испазариш, да го договориш. Демократа]ата е постојано и стрпливо пазарење со оние кои не мислат исто како тебе, со оние со кои си објективно спротивставен. Демократијата е преговарање, прилагодување, компромис. Нешто кое му е туѓо на чаршискиот, инаетчиски, тврдоглав и фиксиран поглед на свет. Оној поглед кој мери ѓутуре и не признава никаква поединечност, кој оперира како затворен вилает и презира секаква другост, кој порадо ќе ги прифати историјата и политиката како судбина и елементарна непогода, отколку како работна обврска и граѓанска должност.
Ни треба макотрпна работа за да ja утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Ни треба востание на визија, волја и ум; на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вешти- на. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Пред сто години, илинденските херои, својата волја за држава ja потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, на- шата волја за оваа држава, мораме да ja потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот.
Нивната победа беше во нивниот пораз. Нашата победа мора да биде - во нашата победа!
Горан Стефановски,
пристапна беседа во МАНУ, декември 2004
* извор
******************
Топла препорака да го ислушате целото обраќање на Мајсторот:
**********
Види и: