Рекорден број повторувачи во основните училишта во Германија

Ако германската индустрија сака да се натпреварува со автомобилите и роботите од Кина, промените мора да почнат од основното образование. Нови податоци покажуваат дека рекорден број од над 41.000 ученици го повториле првото одделение. Ова е најизразено во средините со имигранти, каде што децата не одат во градинка и не знаат да зборуваат германски.

Проблемот со образованието во Германија најдобро го отсликува основното училиштето „Нордмаркт“ во Дортмунд, во кое 97% од децата ги повторуваат раните одделенија.

Анализа на истражувачката организација Колектив укажува дека учебните години најчесто ги повторуваат децата на мигранти. Тие едвај и да зборуваат германски јазик и родителите не ги запишуваат во претшколските установи во кои треба да ги совладаат основните вештини. 

Во учебната 2024/25 година во Северна Рајна-Вестфалија 22.894 првачиња повториле одделение. Тоа е 6% од сите ученици во раните години. Од друга страна, во Баварија, Баден-Виртемберг и Бремен, само 1% до 2% од децата го повториле првото одделение минатата учебна година.

Локалните власти во Хамбург и Баварија реагираат со мерки како задолжителни јазични тестови за четиригодишни деца и воведување предучилишни одделенија. Северна Рајна-Вестфалија планира „часови за азбука“ за да ги подготви децата пред да тргнат на училиште. И покрај овие позитивни пристапи, спроведувањето е тешко, бидејќи само 17% од центрите за дневна грижа ги исполнуваат препорачаните нивоа на персонал.

Зголемена е загриженоста и поради зачестените инциденти во училниците. Наставници од  Лудвигсхафен во отворено писмо до локалните власти пријавија низа случаи на насилство, закани и сериозни дисциплински проблеми. Еден ученик им се заканувал на наставниците „Ќе ве застрелам сите“. Полицијата евидентирала 121 инцидент во училиштето помеѓу 2022 и 2024 година, од кои за 118 биле покренати кривични пријави.

Последиците од повторувањето на раните одделенија се одразуваат со вкупен пад на квалитетот на образованието. Според истражувањето „Трендови во образованието 2024“ од Универзитетот Хумболт во Берлин, сè помалку ученици студенти не ги постигнуваат минималните стандарди за познавања од математика, биологија, хемија и физика – предмети што се клучни за германската индустрија и технолошкиот развој.

Авторот на студијата, Аксел Плинеке, забележува дека проблемите почнале по 2015 година, кога тогашната канцеларка Ангела Меркел ги отвори портите на Германија за мигранти. 

Во училиштата пристигнаа повеќе деца отколку што очекуваше Министерството за образование. Системот беше преоптоварен и не беа пронајдени брзи одговори за предизвиците од зголемената миграција, заклучува Плинеке.

28 февруари 2026 - 15:38