Аудио од филмот „Брачна приказна“ со Скарлет Јохансон и Адам Драјвер се користи за - бркање волци

„Волците треба да знаат дека луѓето се лоши“, вели претставник на институцијата задолжена за безбедност на стоката, објаснувајќи ја необичната стратегија за заштита од нив. 

Филмот „Брачна приказна“, во кој Скарлет Јохансон и Адам Драјвер глумат пар во процес на развод кој води жестока битка за старателство, доби одлични критики и бројни награди, вклучително и шест номинации за Оскар и една победа – за Лора Дерн во улога на моќна адвокатка.

Но можеби најнеобичната „почест“ за филмот дојде неодамна – аудио-снимки од расправиите помеѓу двојката од филмот се користат за да се одвратат волци од напади врз стока. Надзорник од Министерството за земјоделство на САД во Орегон изјавил дека сака волците да сфатат дека „луѓето се лоши“. Тимовите користат дронови со термални камери кои ги детектираат волците, по што преку звучници им пуштаат гласна снимка – освен расправиите од филмот, користат и звуци од огномети, пукање и песната „Тандерстрак“ од Ејси-диси.

Овој пристап, познат како „хејзање“ (hazening), се користи наместо убивање, бидејќи сивите волци се заштитен вид според федералниот закон.

Очигледно, емотивните изведби на Драјвер и Јохансон имаат силен ефект и врз волците. Според Вол стрит џурнал, дроновите биле пуштени во акција во областа Кламат во јужен Орегон откако 11 крави биле убиени од волци во рок од 20 дена. По воведувањето на дроновите, во следните 85 дена само две крави биле убиени.

„Брачна приказна“ имаше премиера на Венецијанскиот филмски фестивал во 2019 година и се најде на многу листи за најдобри филмови на годината. Гардијан го стави на второ место во својата годишна листа. Критичарот Питер Бредшо ѝ даде пет ѕвезди и ја истакна централната сцена на гневна расправија како особено моќна, речиси театарска.

Еве како звучи тоа:

 


 

5 август 2025 - 18:10