Нарачана Букбокс гледанка: „Сопруг на шашма“ (Accidental Husband, 2008)

До сега сме добивале предлози и сугестии за осврти за филмови во рубрикава, но прв пат се случи да добиеме нешто што личи на домашна работа - наслов, линк и конкретни (дури 9) прашања. Првиот импулс беше домашното да се бојкотира, како такво. Ама љубопитноста победи.

„Сопруг на шашма“ (не знаеме дали и како бил официјално преведен кај нас, ама ни се бендиса ова решение) е романтична комедија - жанровска определба која е недвосмислено сигнализирана уште преку постерот. Весело стилизиран наслов, пастелни бои, ликови кои се поставени така за да сугерираат на блискост но и на можна тензија и игрив обид за доминација, некој познат објект во позадината што асоцира на локацијата. Во случајов, централно поставен женски лик кој се држи за рака со еден маж, додека друг ја „чепка“ за рамото, во позадината њујоршки облакодер. На дното бели цветови, што нам на прва ни асоцираат на погреб ама се за свадба. Половина филм е веќе јасен. 

И во содржината нема кој знае какви мистерии. „Експерт“ за љубовни прашања, доктор Ема Лојд, има свое радио шоу (денес би се викал подкаст) во кое дава совети на жени кои и се јавуваат со прашања и дилеми. Генералната линија на советите е - романтичната љубов е неодржлива илузија, а главните прашања кои треба една жена да ги постави за да знае дека „тој е тој“ се: дали е за почит (RЕspectable), дали се однесува како возрасен (Adult) и дали е љубовно настроен (Loving). Или според акронимот, дали е REAL.

Koга слушателката Софија сфаќа дека нејзиниот избраник, њујоршкиот пожарникар Патрик, не ги исполнува наведените критериуми, ја раскинува веридбата и ја откажува свадбата. Бруката за него е голема, затоа што сето ова се одвива низ разговор во емисијата, во живо. Од тука натаму следат заврзлами, најпрвин замислени како одмазда на пожарникаров кон водителката, за подоцна - очекувано - тие да се зближат и на крај, и покрај сета некомпатибилност, да се земат. Притоа, оној навидум компатибилниот „трет“, вереникот на водителката, отпаѓа. 

Нашиот читател низ прашањата сугерираше дека во филмот има елементи на сексизам и феминизам. На пример „Дали филмот е феминистичка утопистичка приказна која ги подгрева стереотипите за начинот на машкото однесување, кои ги очекуваат идните генерации женски деца?“. Иако поставено така за да сугерира одговор, и тоа со „ДА“, од нас еве едно - „НЕ“. 

Всушност, филмот го прави токму обратното, поткопувајќи каков и да е ангажиран феминизам. Прво, со тоа што жените, сегрегирани во родово слушателско јато, бараат совет од друга жена, но таква која сепак не е „обична“, туку со својата титула „доктор“ успеала да се искачи во „пекинг ордер-от“ (клукачката хиерархија?) во кој доминираат мажите. И не само по својот статус, туку и според целиот свој светоглед таа успеала да стане нестеротипна жена, која не очекува виножита и зајдисонца, туку РЕАЛно партнерство. Сепак, целата нејзина конструкција се руши кога таа, спротивно на своите принципи, ќе се заљуби во - ПОЖАРНИКАР. Професијата не е случајна бидејќи асоцира на архетипски херој кој се бори со ламјата (огнот), онаа што во приказните ја злоставува принцезата. Изгледа кул на свечен прием и во искинати фармерки, игра билијард со другарите, пие текили на екс и знае сè за фудбал. Ако е плус доволно внимателен да те покрие наутро кога ќе застуди, па кој може да му одолее? 

Има еден елемент кој читателот не го спомнува, а е исто така индикативен. Пожарникаров живее над индиско семејство, кое во еден момент го нарекува свое. Иако е со ирско потекло (човекот се вика Патрик Саливан, не може да биде поирско!), тој на свеченост („индиска бар-мицва“) седи на почесно место, облечен во индиско и со точка на челото. Богатите белци што ги носи со себе (меѓу кои и водителката) уживаат во спонтаната, раскалашна забава што следи, спротивна на нивните „здрвени“ (цивилизирани) норми. Како посредник помеѓу едните и другите, тој уште повеќе асоцира на нешто примитивно и нагонско, пред кое попуштаат и најсилните кочници. 

Да потсетиме - филмот е од 2008 и како таков е веќе „ретро“. Многу потешка артилерија се потроши во меѓувреме во популарната култура на тема сексизам и феминизам, до толку што „Сопруг на шашма“ делува како наивен никулец. Но има нешто што за нас стана многу поважно од сето горенаведено. Филмот да ти бил режиран од никој друг туку од - Грифин Дан! Па дали е могуче? Оној ист Грифин Дан кој глумеше во „Идиотска ноќ“ на Скорсезе и кој има режирано дел од скроз откачениот омнибус со 5% на Ротен томејтос „43“ (за кого претходно пишувавме тука). Кога на ова ќе се додаде поочигледното присуство на Ума Турман во улогата на водителката, Колин Фирт како нејзин вереник, Изабела Роселини (!!) во епизодна но јака улога на сопруга на богаташ и СЕМ ШЕПАРД (!!!) во улога на таткото на водителката, чудењето е уште поголемо. 

Па мајку му стара, за ова ли се собравте?

Илина, Букбокс

8 август 2025 - 12:09