Приказната за Аладин и волшебната ламба е една од најпрепознатливите во светската книжевност. Нејзиниот јунак, сиромашното момче кое со помош на волшебна ламба и духот затворен во неа стигнува до богатство, моќ и љубовта на една принцеза, со векови живее во книги, театарски претстави, музика и филмови. Но, малкумина знаат дека приказната можеби не потекнува од древната арапска книжевна традиција, како што вообичаено се претпоставува, туку од животното искуство и раскажувачкиот талент на еден сириски младич по име Хана Дијаб. Иако токму тој ја раскажал приказната што подоцна ќе го освои светот, неговото име со векови останало надвор од историјата на „Илјада и една ноќ“.
Истражувачот и новинар Метју Телер, во новата книга „Пронаоѓајќи го Аладин: скриената историја на еден сириски раскажувач“ (Finding Aladdin: The Hidden History of a Syrian Storyteller), ја реконструира необичната животна приказна на Дијаб и неговата улога во создавањето на некои од најпознатите раскази од збирката „Илјада и една ноќ“.
Излегува дека не сите приказни што денес ги поврзуваме со оваа збирка се навистина древни. Некои од најпознатите, меѓу кои „Аладин“ и „Али Баба и четириесетте разбојници“, се појавиле дури во почетокот на 18 век. Во Европа ги донел Антоан Галанд, француски научник и преведувач на дворот на Луј XIV, кој прв започнал да ја преведува „Илјада и една ноќ“ од арапски на француски јазик.
Галанд го преведувал ракописот во продолженија, почнувајќи од 1704 година, а неговото издание набрзо станало европски книжевен хит. Но, откако го превел целиот ракопис што му бил достапен, останал без нови приказни. Тогаш, сосема случајно, се појавил човекот кој ќе му обезбеди материјал за уште четири тома.
Хана Дијаб пораснал во Алепо, каде што уште како момче работел како помошник на европските трговци со свила и луксузни стоки. Кога имал осумнаесет години, го запознал Пол Лукас, француски истражувач и собирач на антиквитети, кој патувал низ Блискиот Исток по налог на Луј XIV. Лукас му ветил работа во Франција, па Дијаб му се придружил како водич и помошник.
Нивното патување ги одвело низ Египет и Северна Африка, а потоа и до Париз. На тој пат Дијаб доживеал бури и бродоломи, се сретнал со корзикански пирати, измамници и најразлични авантуристи. Во Франција, пак, се нашол во светот на раскошниот Версај, каде што го привлекол вниманието на кралските принцези. Но, ветената работа никогаш не се остварила, па младиот Сириец останал во Париз без јасна перспектива.
Токму тогаш бил запознаен со Антоан Галанд, кој во тоа време работел во Кралската библиотека и веќе немал нови приказни за преведување. Кога го прашал Дијаб дали знае некои што би можел да му ги раскаже, започнала серија средби во текот на 1709 година. Хана му раскажувал приказна по приказна (точно како Шехерезада), а меѓу нив била и онаа за сиромашното момче од далечна земја кое, заведено од еден волшебник, влегува во мистериозна пештера и пронаоѓа прстен и ламба што ќе му ја променат судбината.
Галанд ја запишал приказната, ја објавил на француски и го доживеал нејзиниот огромен успех. Но, никаде не го споменал човекот од кого ја слушнал. Така, приказните на Дијаб станале дел од новите томови на „Илјада и една ноќ“, додека нивниот вистински раскажувач останал анонимен. Разочаран од неисполнетото ветување за работа, Дијаб набрзо се вратил во Алепо, каде што се оженил, основал семејство и продолжил да тргува со текстил.
Со текот на времето, Галанд сè повеќе бил сметан за автор на овие нови приказни. Дури и кога во 1887 година биле откриени неговите ракописни дневници, во кои запишал дека приказната за ламбата ја слушнал од еден млад Сириец по име Хана, тоа не ја променило воспоставената книжевна историја.
Пресвртот дошол дури еден век подоцна, кога во Ватиканската библиотека бил пронајден ракопис погрешно заведен како анонимно дело. Станувало збор за оштетен, релативно краток ракопис – личните мемоари на Хана Дијаб, во кои тој ги опишал своите младешки години и патувањата. Ова откритие, заедно со претходните архивски записи, овозможило неговата улога во создавањето на „Аладин“ да биде многу посигурно утврдена.
Приказната за Хана Дијаб е, всушност, и приказна за тоа како се создава книжевната историја, кој добива признание за раскажаното и чии гласови остануваат невидливи. Таа потсетува дека зад некои од најпознатите дела во светската книжевност можат да стојат луѓе чии имиња никогаш не стигнале до кориците на книгите.
извор