Во текст за Атлантик, авторката Фејт Хил се навраќа на период кога таа и нејзините пријатели долго време немале романтични возбудувања и почнале да се прашуваат дали станале емоционално нечувствителни. Затоа, секоја нова симпатија – кон пријател на пријател, шанкерката во омиленото место или личноста што седела до нив на час по керамика – ја нарекувале „трошка надеж“. Не било важно дали другата личност знае за нивните чувства, а уште помалку дали ги возвраќа. Важно било дека нешто повторно „мрднало“ во нив.
Чувствата што не се возвратени не се нужно патолошки или понижувачки. Истражувањето на Рој Бајмајстер и Сара Вотман од 1992 година покажало дека неостварената љубов е исклучително вообичаено искуство: студентите на возраст од 21 година во просек ја доживувале нешто повеќе од еднаш годишно, а силно искуство од овој вид имале приближно еднаш на пет години. Симпатиите се важен дел од романтичното созревање: преку нив учиме како изгледа љубовта, по што се разликува од пријателството и какви особини нè привлекуваат кај другите. Тоа не престанува да важи ни во зрелоста. Во истражување на луѓе во моногамни врски, околу 80 проценти од испитаниците некогаш имале симпатија кон некој друг освен партнерот, а околу 60 проценти имале таква симпатија во моментот на истражувањето. Тоа, сепак, не било поврзано со помала посветеност или задоволство од постојната врска. Напротив, испитаниците често ги опишувале овие симпатии како забавен извор на возбуда и дополнителен жар во секојдневието.
Неостварената заљубеност може да ни открие и нешто за самите нас. Фантазирањето за некого е еден вид вежба на имагинацијата: ни овозможува привремено да излеземе од сопствената секојдневна реалност и да замислиме поинакви верзии на себе, можни иднини и желби што дотогаш не сме ги препознале. Но постои граница меѓу пријатното мечтаење и опсесивната преокупираност. Кога другата личност јасно ќе покаже дека не е заинтересирана, „заљубениот“ понекогаш почнува да се фаќа за секој мал знак на љубезност, како доказ дека сепак постои надеж врската да прерасне во нешто повеќе. Тогаш страдаат и двете страни: едната останува заробена во фантазијата, а другата може да се чувствува притисната, виновна или вознемирена. Затоа експертите препорачуваат нешто што авторката го нарекува „менаџирање на симпатијата“ – да внимаваме колку простор ѝ даваме во животот, да го насочуваме вниманието и кон други нешта што нè исполнуваат и да не забораваме дека личноста што ја идеализираме има и свои несовршености.
Некои симпатии се убави токму затоа што не подразбираат реципроцитет. Мал број човечки односи нудат толку слободен простор за восхит без очекување дека тој мора да биде возвратен. Во време кога апликациите за запознавање го претвораат романтичниот живот во низа брзи избори, средби и проценки за тоа што сакаме да добиеме од другата личност, неостварената симпатија е речиси луксузно неефикасно искуство. Таа не мора да води никаде, не мора да се претвори во врска, па дури ни да биде изговорена. Понекогаш е доволно само да постои. Авторката на крајот се повикува на песната The More Loving One на В. Х. Оден, во која поетот ја споредува невозвратената љубов со гледањето во ѕвездите: знаеме дека тие не ни возвраќаат на восхитот, но тоа не ја намалува нивната убавина. Не мора да поминеме цела ноќ загледани во небото, заклучува Оден, но секогаш е убаво да забележиме светлина во темнината. А можеби токму тоа е најголемата придобивка од една неостварена симпатија: не дека ќе добиеме некого, туку дека повторно ќе почувствуваме нешто.
извор (со претплата)