Кога се спремаш за на концерт ко за на испит

Помеѓу обожавателите на одреден пејач или бенд постои хиерархија, во која најпосветениот е оној што знае сè, го следи секој настап и може да докаже дека неговата љубов кон музичарот е поголема од онаа на останатите. Така, се создава атмосфера во која нема простор за лежерно уживање - компетитивноста подразбира познавање на „материјалот“ ко да се работи за  полагање пред комисија. 

Некогаш на концерт одевме за да се препуштиме на музиката и да паднеме во колективен транс. Денес, сè повеќе обожаватели пристигнуваат со однапред научена сет-листа, ги знаат редоследот на песните, премините меѓу нив, па дури и моментите кога треба да ги кренат телефоните за да снимат. Подготовките понекогаш наликуваат на учење за испит: некои фанови ги слушаат песните на повторување со денови пред концертот, само за да можат да го пеат секој стих заедно со изведувачот. 

За ваквата промена придонесува и фактот што информациите никогаш не биле подостапни. На социјалните мрежи секоја вечер се објавуваат снимки и извештаи од концертите, страниците посветени на музичките идоли ги следат настапите, а базите како Setlist.fm овозможуваат да се провери што свирел некој изведувач на претходните концерти. Дури и стриминг-платформите ја поттикнуваат оваа практика: Епл мјузик објавува официјални плејлисти со песните од актуелните турнеи, додека на Спотифај лесно се наоѓаат плејлисти направени од фанови. Setlist.fm прерасна во огромна архива на концертни настапи – од Пинк Флојд и Битлси до современи поп-изведувачи, па дури и историски настапи на Моцарт. Таа е корисна за присетување на концерти од пред многу години, но и за анализа на тоа кои песни најчесто се изведуваат, колку се застапени различните албуми и кога некоја песна првпат била изведена во живо. Сепак, колку повеќе знаеме однапред, толку помалку простор останува за изненадување.

Причините за оваа потреба од подготовка не се само практични. Некои сакаат да знаат кога можат да отидат до тоалет или да земат пијачка без да ја пропуштат омилената песна; други, пак, проверуваат дали изведувачот воопшто ќе ги свири композициите што ги сакаат пред да купат билет. Но, за многумина станува збор за желба да го доживеат концертот „максимално“ – да ги знаат сите зборови, да пеат во вистинскиот момент и да бидат дел од заедничката еуфорија. Социологот Емил Диркем уште во 1912, во својата книга „Елементарни облици на религискиот живот“ го опишал феноменот на „колективна возбуда“ (collective effervescence, буквално - колективно вжарување, вжештување) – чувството што се создава кога група луѓе споделува силно емоционално искуство и индивидуалното чувство за себе привремено се губи во заедничката енергија. Пеењето и танцувањето во толпа навистина можат да создадат таква поврзаност, ама не со сила. 

Така, зад оваа темелна подготовка се крие и нешто понепријатно: стравот дека некој ќе нè прогласи за недоволно добри обожаватели. Во културата на постојано снимање и споделување, секој момент може да биде забележан и оценет. Ако не ги знаеме стиховите, ако не пееме доволно гласно или не реагираме со очекуваниот ентузијазам, можеби некој ќе заклучи дека не сме „вистински“ фанови и дека не сме заслужиле да бидеме на концертот. На социјалните мрежи дури се појавуваат и критики кон публиката што не реагира доволно бурно кога изведувачот ќе отсвири некоја постара или помалку позната песна. Така се создава хиерархија меѓу обожавателите: најпосветен е оној што знае сè, го следи секој настап и може да докаже дека неговата љубов кон музичарот е поголема од туѓата.

извор

13 ноември 2026 - 16:31