Работевте со Мајкл Џексон повеќе од кој било друг а да не му е фамилија. Што е она што луѓето не го разбираат за него?
Мразам што јавно зборувам за ова, ама Мајкл украде многу работи. Украде многу песни. „State of Independence“ (на Дона Самер) и „Billie Jean“. Нотите не лажат, човече. Тој беше најмакијавелистички на свет.
Како тоа?
Алчен, човече. Алчен. Во „Don’t Stop ’Til You Get Enough“ Грег Филингејнс напиша цела една делница. Мајкл требаше да му даде 10 проценти од песната. Не сакаше да го направи тоа.
А надвор од музиката? Кои се заблудите за Мајкл?
Го умрев за пластичната хирургија, човече. Тој секогаш се правдаше и велеше дека тоа е поради некоја болест што ја имал. Јадење гомна.
Колку неговите проблеми потекнуваа од славата?
Сакаш да кажеш од тоа како изгледаше? На него не му се допаѓаше неговиот изглед затоа што татко му му рекол дека е грд и го злоставувал. Што очекувате?
Тоа е толку чуден контраст - како музиката на Мајкл беше толку весела, а неговиот живот како што поминува времето изгледа сè потажен и почуден.
Да, ама на крајот проблемот на Мајкл беше пропофолот (силен седатив што го земал за несоница а лекарот кој му го пропишуваше беше осуден - н.з.), а тој проблем влијае на сите - не е важно дали сте славни. Тоа што големите фармацевтски компании го направија оксиконтинот и сите тие срања е сериозна работа. Јас бев близок со Белата куќа осум години со Клинтонови, и видов колкаво влијание имаат фармацевтските компании. Тоа не е заебанција. Што хороскопски знак си ти, човече?
Риба.
И јас. Тоа е одличен знак.
Ги спомнавте Клинтонови, кои ви се пријатели. Зошто сè уште постои толку голема антипатија кон нив? Што е тоа што другите луѓе не го гледаат во Хилари, на пример, а што го гледате вие?
Тоа е поради една нејзина особина - кога чувате тајни, ви се одбиваат од глава.
Какви тајни?
Ова е уште една работа за која не би требало да зборувам.
Баш изгледа дека знаете многу.
Знам премногу, човече.
За што би сакале да не го знаевте?
Кој го уби Кенеди.
Кој го направи тоа?
(Чикашкиот мафијаш Сем) Џанкана. Синатра и мафијата и Кенеди беа поврзани. Џо Кенеди - еден лош човек - тој отиде кај Френк за да го натера да разговара со Џанкана за добивање гласови.
Ја имам слушнато оваа теорија, дека мафијата му помогнала на Кенеди да победи во Илиноис во 1960 година.
Не треба да зборуваме јавно за ова. Од кај си ти?
Од Торонто.
Јас бев на концертот во Мејси хол.
Стварно? Концертот на Чарли Паркер со Мингус и сите тие момци?
Да, човече. Потоа го видов договорот. Целиот бенд заработи 1.100 долари. Никогаш нема да го заборавам тоа. Во тоа време тоа беше само една обична свирка. Не беше историско. Како и со Вудсток, Тито Пуенте ми кажа дека сакал да излезе на таа свирка. Таквите фестивали мене не ми се фах. Илон Маск постојано пробува да ме натера да одам на Брнинг мен. Не, фала. Но кој знаеше каков ќе излезе Вудсток? Џими Хендрикс беше таму и ја поеба националната химна.
Нели Хендрикс требаше да свири на „Гула Матари“?
Тој требаше да свири на мојот албум и уцвика. Имаше трема да свири со Тутс Тилеманс, Херби Хенкок, Хјуберт Лос, Роланд Кирк - тоа се стварно страшни ѕверови. Тутс беше еден од најголемите солисти што некогаш факинг живееле.
Што мислевте кога првпат слушнавте рок-музика?
Човек, рокот не е ништо друго освен бела верзија на ритам и блуз. Знаеш, го запознав Пол Макартни кога имаше 21 година.
Кои беа Вашите први впечатоци за Битлси?
Дека тие беа најлошите музичари на светот. Тие беа мадафакери кои не знаат да свират. Пол беше најлошиот басист што сум го слушнал. За Ринго да не правиме муабет. Се сеќавам еднаш кога бевме во студиото со Џорџ Мартин, а на Ринго му требаа три часа за четири такта што пробуваше да ги скоцка на една песна. Не му успеваше. Ние рековме: „Другар, што не земеш малку пивце со лимон, малку пастирска пита и да одмориш едно саат и пол?“. Така и направи, а ние го викнавме Рони Верел, џез-тапанар. Рони дојде за 15 минути и одма го убоде. Ринго се враќа и вели: „Џорџ, може уште еднаш да ми го пуштиш?“ И Џорџ го пушта, а Ринго вели: „Па ова не звучи толку лошо!“. А јас реков: „Да, мајмуне, затоа што ова не си ти“. Сепак, многу добар човек.
Имало ли рок-музичари за кои сте мислеле дека се добри?
Ми се свиѓаше бендот на Клептон. Како се викаа?
Крим.
Да, тие знаеја да свират. Ама знаеш кој пее и свири исто како Хендрикс?
Кој?
Нема шанси. Типот од Мајкрософт?
Да, човече. Бев на патување на неговата јахта, а тој ги имаше Дејвид Крозби, Џо Волш, Шон Ленон - сите тие луди ѕверови. Потоа во последните два дена, Стиви Вондер дојде со својот бенд и го натера Пол да излезе и да свири со него - добар е, човече.
Вие се вртите во овие елитни општествени кругови, а правењето добрини отсекогаш Ви било важно, но дали кај тие ултрабогаташи гледате дека се загрижени за сиромашните колку што би сакале Вие?
Не. Богатите не прават доволно. Не им е факинг гајле. Јас дојдов од улица и се грижам за тие деца што немаат доволно, бидејќи чувствувам дека сум еден од нив. Овие другиве луѓе не знаат како е да бидеш сиромашен, така што не им е гајле.
Дали како земја сме подобри отколку кога Вие ја почнавте хуманитарната работа пред 50 години?
Не. Ние сега сме полоши од кога било, но баш затоа гледаме дека луѓето се обидуваат да го поправат тоа. Феминизмот: жените велат дека повеќе нема да го трпат тоа. Расизмот: луѓето се борат против него. Господ ни го става лошото пред очи за да ги натера луѓето да се борат против него.
Очигледно во последно време научивме повеќе за тоа колку корозивна може забавната индустрија да биде за жените. Како некој што толку години работел во тој бизнис на највисоко ниво, дали сите овие неодамнешни откритија Ви доаѓаат како изненадување?
Не, човече. Жените мораа да трпат секакви заебани срања. Жените и браќата - и ние и тие се мачиме со социјалните бариери.
Ама што е со наводното однесување на еден Ваш другар, Бил Козби? Тешко ли е да се поврзе она за што е обвинет со личноста што Вие ја познавате?
Сите беа такви. Брет Ратнер. (Харви) Вајнстин. Вајнстин - тој е тежок мадафака. Петпати не ми крена телефон. Силеџија.
Ама што е со Козби?
Што со него?
Дали обвинувањата беа изненадување за Вас?
Не можеме јавно да зборуваме за ова, човече.
Извинете што ве скокам ваму-таму.
Биди Риба. Џемувај.
Кога би можеле да штракнете со прсти и да решите еден проблем во земјата, кој би бил тој?
Расизмот. Го гледам долго време - од 30-тите до сега. Поминавме долг пат, но имаме и долг пат пред нас. Југот отсекогаш бил заебан, ама барем знаете на што сте. Расизмот на Северот е маскиран. Никогаш не знаете на што сте. Затоа, она што се случува сега е добро, бидејќи сега велат дека се расисти и луѓето што порано не го кажуваа тоа. Сега знаеме.
Што ги возбуди страстите сега? Сето ова е поради трампизмот?
До Трамп е и до необразованите сељачишта. Трамп само им го кажува тоа што тие сакаат да го слушнат. Јас се имам дружено со него. Тој е луд мадафака. Ограничен ментално - мегаломан, самозаљубен. Не можам да го поднесам. Јас излегував со Иванка, знаеш.
Чекај, стварно?
Јес, сер. Пред дванаесет години. Томи Хилфигер, кој работеше со мојата ќерка Кидада, рече: „Иванка сака да вечера со тебе.“ Реков: „Нема проблем. Таа е фина ѕверка.“ Иванка ги имаше најубавите нозе што некогаш сум ги видел во живот. Но погрешен татко.
Дали Вашата пријателка Опра би била добар претседател?
Не мислам дека би се кандидирала. Нема „фат“ за тоа. Ако не сте биле владетел на држава или извршен директор на компанија или воен генерал, не знаете како да ги водите луѓето.
Таа е извршен директор на компанија.
Симфонискиот диригент повеќе знае како да води од повеќето бизнисмени - секако повеќе од Трамп. Тој нема благе везе. Некој што го познава вистинското лидерство не би имал толку многу противници како тој. Тој е факинг идиот.
Дали Холивуд е лош кон расите како и остатокот од земјата? Знам дека кога почнавте со филмска музика, ќе ги чуевте продуцентите како велат дека не сакале „блузерска“ музика, што јасно беше шифра. Дали сè уште се соочувате со тој вид расизам?
Сè уште е заебано. Во 1964, кога бев во Вегас, имаше места каде што не смеев да одам зашто сум црн, но Френк (Синатра) ми го среди тоа. Потребни се такви индивидуални напори за да се променат работите. Треба белци да им кажат на други белци: „Стварно сакаш да живееш како расист? Стварно веруваш во тоа?“ Но секое место е различно. Кога одам во Даблин, Боно ме тера да седам во неговиот замок бидејќи Ирска е многу расистичка. Боно ми е брат, човече. Тој го крсти синот по мене.
Дали У2 сè уште прави добра музика?
(Одрекува со главата.)
Зошто не?
Не знам. Од дното на душата го сакам Боно, ама има преголем притисок врз бендот. Тој прави добри работи низ целиот свет. Работата со него и со Боб Гелдоф за олеснување на долговите (на неразвиените земји) беше една од најголемите работи што сум ги направил јас. И „We Are the World“.
Има мала анегдота во Вашите мемоари за тоа како рок-музичарите што биле викнати да ја пеат „We Are the World“ се жалеле за песната. Има ли уште нешто во таа приказна?
Тоа не беа рокерите. Тоа беше Синди Лопер. Таа ми го прати својот менаџер да ми каже, „На рокерите не им се допаѓа песната.“ Знам како функционираат тие срања. Отидовме кај Спрингстин, Хол и Оутс, Били Џоел и кај сите тие мажишта и тие рекоа: „Ни се допаѓа песната“. И ѝ реков (на Лопер): „Океј, ај прекини ги срањава и собирај парталите.“ И после ја сјебуваше секоја снимка бидејќи ѓерданот или бразлетната ѝ тропкаа пред микрофонот. Само таа го имаше тој проблем.
Има ли нешто на што сте работеле, а да требало да излезе поголемо?
Што збориш бе? Никогаш не сум го имал тој проблем. Сите беа големи.
А некој музичар што заслужил повеќе признание?
Ма дај, човече. Браќата Џонсон. Џејмс Инграм. Тевин Кемпбел. Сите тие рушеа плафони.
Од стриктно музичка перспектива, со што најмногу се гордеете?
Со тоа што сè што можам да почувствувам, можам да го запишам со ноти. Нема многу луѓе што можат да го направат тоа. Можам да направам бенд да свири како што пејачот пее. Тоа е аранжирањето, и тоа е голем талент. Не би го менувал за ништо живо.
Пред неколку години се вртеше еден цитат што наводно е Ваш - не можев да го најдам изворот, па можеби е лажен - каде што го критикувате рапот како купче четиритактни лупови. Дали ова е Ваш став?
Тоа е точно за рапот, истата фраза одново и одново и одново. Увото мора да го милува мелодијата; таа мора да биде мека и пријатна, бидејќи умот се исклучува кога музиката е иста. Музиката е чудна на тој начин. Мора да го држите увото зафатено.
Има ли пример од Вашата работа, можеби со Мајкл, што го илустрира она за што зборувате?
Да, најдобриот пример за тоа како јас се трудев да ги исполнам музичките принципи од минатото - зборувам за би-бапoт - е „Baby Be Mine“. (Ја хмка мелодијата на песната.) Тоа е Колтрејн склопен во поп-песна. Зборувам за младите деца да се натераат да слушаат би-бап. Џезот е на врвот на музичката хиерархија, бидејќи тие музичари научиле сè што може за музиката. Секогаш кога ќе го видев Колтрејн, тој ја имаше книгата на Николас Слонимски.
Да, познато е дека тој беше опседнат со Лексикон на скалите и Мелодиски шаблони. За тоа зборувате, нели?
Така. Сега ги вадиш добрите теми! Сè што некогаш отсвире Колтрејн беше во тој Лексикон. Всушност, баш околу почетокот на таа книга, има 12-тонски пример - тоа е „Giant Steps“. Сите мислат дека Колтрејн го напишал тоа, ама не. Тоа беше Слонимски. Таа книга ги поттикна сите џез-дечки да импровизираат 12 тонски. Колтрејн ја носеше со себе книгата сè додека страниците не ѝ се распаднаа.
Кога Колтрејн почна да оди подалеку со музиката...
„Giant Steps“.
Ама дури и подалеку, како со Ascension…
Не може да отидете подалеку од 12-тонски, а „Giant Steps“ е 12-тонски.
Ама кога тој свиреше атонално...
Не, не, не. Дури и тоа беше под силно влијание на Албан Берг - тоа е најдалеку што можете да отидете.
Дали денес го слушате духот на џезот во попот?
Не. Луѓето се откажаа од него за да бркаат пари. Кога бркате брендови како Сирок-вотка (бренд на Пи Диди) и Фет фарм (на ко-основачот на Џеф Дем), Бог излегува од собата. Никогаш во мојот живот не сум направил музика за пари или за слава. Дури ни „Thriller“. Нема шанси. Бог ве баталува кога мислите на пари. Може да потрошите милион долари на пијано и тоа нема да ви врати милион долари. Тоа не функционира така.
Дали во современата поп музика се случуваат иновации?
Ама, не! Има само лупови, битови, рими и штосеви. Што можам јас да научам од тоа? Не постојат факинг песни. Песната е моќта; пејачот е гласникот. Ни најголемиот пејач во светот не може да спаси лоша песна. Тоа го научив пред 50 години и тоа е најголемата лекција што некогаш сум ја научил како продуцент. Ако немате одлична песна, не е важно што друго ќе нац'цкате околу неа.
Која беше Вашата најголема музичка иновација?
Сè што сум направил.
Сè што сте направиле било иновативно?
Сè беше нешто што можеш да се гордееш - апсолутно. Тоа беше неверојатен контраст на жанрови. Од мојата рана младост имам свирено секаква музика: бар-мицва музика, Суза-маршеви, стрип-клуб музика, џез, поп. Сè. Не требаше да учам ништо за да го работам Мајкл Џексон.
Со што го објаснувате тоа што песните се помалку добри отколку што биле порано?
Со менталитетот на луѓето што ја прават музиката. Продуцентите сега ги игнорираат сите музички принципи на претходните генерации. Тоа е глупост. Тоа не функционира така: треба да користите сè од минатото. Ако знаете од каде доаѓате, полесно е да стигнете таму кај што сте тргнале. Треба да ја разберете музиката за да ги допрете луѓето и да станете саундтрак на нивните животи. Може ли да ви кажам еден од најголемите моменти во мојот живот?
Секако.
Тоа беше кога првпат го славеа роденденот на Мартин Лутер Кинг во Вашингтон, а Стиви Вондер беше одговорен и ме замоли да бидам музички режисер. По настапот, отидовме на прием, и дојдоа три дами: постарата дама го имаше „Sinatra at the Sands“, во мој аранжман; нејзината ќерка го имаше мојот албум „The Dude“; а ќерката на таа дама го имаше „Thriller“. Три генерации жени рекоа дека тоа е нивната омилена плоча. Тоа многу ме трогна.
Се обидувам да откријам во што конкретно верувате дека е проблемот со современиот поп. Недостигот од формално музичко знаење кај музичарите?
Да! И не им е ни гајле што го немаат.
Па кој прави добри дела?
Бруно Марс. Ченс д Рапер. Кендрик Ламар. Ми се допаѓа каде му е умот на Кендрик. Тој е приземен. И на Ченс. А плочата на Ед Шеран е одлична. Сем Смит - тој е толку отворен во однос на тоа дека е геј. Ми се допаѓа тоа. Марк Ронсон е некој што знае како да продуцира.
Да го оставиме на страна квалитетот на современите песни, има ли технички или звучни продукциски техники што се чинат свежи?
Не. Нема ништо ново. Продуцентите се мрзливи и алчни.
Како се манифестира таа мрзеливост?
Слушајте им ја музиката - овие момци не знаат што прават. Мора да го почитувате талентот што ви го дал господ и да го научите занаетот.
Дали имате толку ниско мислење и за состојбата на филмската музика како за попот?
Не е добро. Сите се мрзливи. Александре Десплат - тој е добар. Тој е мој брат. Тој беше под влијание на мојата филмска музика.
Повторно, кога велите дека филмските композитори се мрзливи, што точно значи тоа во овој контекст?
Тоа значи дека не се враќаат назад и не го слушаат она што го направи Бернард Херман (човекот што направи куп музика за Хичкок, за Граѓанинот Кејн, Таксист, Кејп Фир, антологиската ТВ-франшиза Зона на самракот... - н.з.)
Дали гледате иднина за музичкиот бизнис?
Нема веќе музички бизнис! Ако овие луѓе му посветеа внимание на Шон Фанинг пред 20 години (основалот на Напстер - н.з.), немаше да бидеме во овој хаос. Но музичкиот бизнис сè уште е преполн со тие старомодни бирократи. Не може да бидете такви. Не може да бидете еден од тие „Ех, во мое време“ луѓе.
Зборувате за бизнисот, а не за музиката, но, со сета почит, не мислите ли дека некои од Вашите мисли за музиката спаѓаат во категоријата „Ех, во мое време“?
Постојат музички принципи, човече. Музичарите денес не можат до крај да одат со музиката бидејќи не си ја завршиле домашната задача со левата страна од мозокот. Музиката е емоција и наука. Не мора да вежбате емоции бидејќи тоа доаѓа природно. Техниката е поинаква. Ако не можете да го ставите прстот помеѓу три и четири и седум и осум на пијано, не можете да свирите. Само до таму може да стигнете без техника. Луѓето се ограничуваат музички, човече. Дали овие музичари знаат танго? Макумба? Јоруба-музика? Самба? Боса нова? Салса? Ча-ча?
Можеби не ча-ча.
Марлон Брандо имаше обичај да танцува ча-ча со нас. Се здробуваше од танцување. Тој беше најшармантниот ѕвер што некогаш сте го виделе. Ебеше сè. Сè! Ќе поебеше и поштенско сандаче. Џејмс Болдвин. Ричард Прајор. Марвин Геј.
Тој спиел со нив? Како го знаете тоа?
(Се мршти). Ма дај, човече. Скроз не му беше гајле! Сакаш бразилска музика?
Да, но не знам ништо повеќе од Жоржи Бен и Жилберто Жил.
Жилбертo и Каетанo Велосо се цареви! Знаеш, секоја година ги посетувам фавелите. Тие ѕверови имаат тежок живот. Јаки се, јаки. Мислите дека нашето срање во Америка е лошо? Таму е бетер.
Кога бев млад, прочитав дека сте носеле пиштол .32-ка.
Аха.
Сте пукнале некогаш со неа?
Аха.
Во што?
(Се кези.) Само вежбав.
Океј, може ли да Ви поставам едно невообичаено прашање? Во вашите мемоари има дел во кој зборувате за...
Да се биде куче?
Тоа не е она на што мислев, ама, да, таму е и тоа. Мислев на делот каде што опишувате дека сте имале нервен слом кратко време по „Thriller“. Толку често зборувате за Вашите подеми - се прашувам дали можеби би можеле да зборувате за еден од Вашите падови.
Она што се случи беше дека бев продуцент на „Бојата на пурпурот“. Спилберг и јас сè уште сме одлични пријатели, човече. Тој е факинг одличен човек. Уживав кога работев со него.
Да, но што се случило на тој филм што го предизвикало Вашиот слом?
Она што се случи беше дека јас бев продуцент на тој филм и сите отидоа на одмор откако го завршивме снимањето - сите освен мене. Морав да останам дома и да напишам 1 час и 55 минути музика за филмот. Бев толку факинг уморен од тоа, што не можев да гледам. Си ставив преголем товар на грб и тоа си го зеде данокот. Но учиме од нашите грешки и научив дека не смеам пак да го правам тоа.
Од која последна грешка сте научиле?
Мојот последен запис (Q: Soul Bossa Nostra). Не сакав да го правам, ама раперите сакаа да снимат нешто од почит кон мене, каде што би направиле верзии на песни што јас сум ги направил во мојата кариера. Им реков: „Видете, мора да ја направите музиката подобра отколку што направивме со оригиналите“. Тоа не се случи. Т-Пеин, човече, тој не им посветуваше внимание на деталите.
Што е нешто позитивно што сте почувствувале во врска со музиката во последно време?
Сфаќањето од каде доаѓа. Тоа е фасцинантно. Пред неколку години бев на пат со Пол Ален и отидов во бањата и на ѕидот имаше мапи за тоа како изгледала Земјата пред милион и пол години. Над брегот на Јужна Африка, каде што е Дурбан, беше брегот на Кина. Луѓето мора да се мешале, и тоа го слушате во музиката - во тапаните од двете места. Има африкански квалитети во кинеската музика, и во јапонската музика, со Кодо-тапаните. Сето тоа доаѓа од Африка. Тешко е да се размислува за тоа.
Кај и да е ќе наполните 85. Се плашите ли од крајот?
Не.
Што мислите дека се случува кога ќе умрете?
Просто те нема.
Дали сте религиозен?
Не, човече. Знам премногу за тоа. Го познавав Романо Мусолини, џез-пијанистот, синот на Бенито Мусолини. Заглавувавме по цели ноќи. И тој ќе ми зборуваше од каде доаѓаат католиците. Католиците имаат религија базирана на страв, чад и убиство. А најголемиот трик во светот е исповедта: „Кажи ми што си згрешил и сè ќе биде во ред.“ Ма дај. И речиси насекаде во светот, најголемите структури се католичките цркви. Тоа се пари, човече. Тоа е заебано.
На темата пари, имам едно глупаво прашање. Првата половина од Вашата кариера ја поминавте во работење џез, што не е особено профитабилно. Кога почнавте да правите сериозни пари?
Кога почнав да продуцирам после Лесли Гор. Јас бев првиот црн заменик-претседател на издавачка куќа (Меркур), што беше одлично - освен што тоа значеше дека не ми плаќаат за продуцирање. Знаете што и како прават; си ја знаете својата земја. Но потоа, во 70-тите години, кога почнав да продуцирам за други уметници, а потоа и со Мајкл, се разбира, тоа ми направи многу пари. А големи пари дојдоа од телевизиската продукција - „Принцот од Бел Ер“, што беше огромно за мене. „Mad TV“ траеше 14 години. Кога ќе отидат работите на повеќе мрежи, тоа се големи пари, човече.
Колку Вашето растење - проблемите со мајка Ви и растењето во вистинска беда - влијаеше на тоа како го гледате успехот?
Се разбира дека влијаеше. Јас ги ценам срањата што ги имам бидејќи знам како е да немаш ништо.
Како е да имаш расцепкано семејство? Како тоа Ве промени?
Исто како и со парите, човек. Го ценам она што го добив.
Колку често мислите на мајка Ви?
Цело време. Таа умре во дом за ментално болни. Брилијантна дама, но никогаш не ја доби потребната помош. Нејзината деменција можела да се излечи со витамин Б, но таа не можеше да го добие, бидејќи беше црна.
Кога мислите на неа сега, што Ви паѓа на ум?
Дека би сакал да бев поблизок со неа. Она што ѝ се случи на неа - за децата, тоа е срање.
Која е најамбициозната работа што Ви остана да ја направите?
Qwest TV (претплатнички видеостриминг што ќе дава многу џез и документарци; во моментов во бета-фаза). Сите се возбудени околу тоа. Тоа ќе биде музичкиот Нетфликс. Тоа е најдобрата музика од сите жанрови низ светот. Значи, ако децата сакаат да слушнат нешто одлично, тоа ќе ги чека таму. Не ми се верува дека сè уште треба да бидам вклучен во вакви работи. Престанав да пијам пред две години и се чувствувам како да имам 19 години. Никогаш не сум бил толку креативен. Што да ти кажам, човече - каков живот!
извор: Vulture