Букбокс гледанка: „Цената на рајот“ (2025)

Колку далеку може да отиде човек за да не изгледа како „лузер“? Канадскиот режисер Матје Денис ја поставува токму оваа непријатна дилема, следејќи човек кој навидум има сè што би можело да се смета за исполнет живот: семејство, стабилна работа, углед во заедницата и финансиска сигурност, но ќе западне во сопствената стапица посакувајќи повеќе и уште. Инспирирано од вистински случај од 2012.  

Насер Белкасем, кој се приближува кон педесеттата година, е опседнат со идејата дека заслужува повеќе. Посакува подобра куќа, поскап автомобил, повисок статус и живот што ќе импресионира. Но зад фасадата на успешниот семеен човек се натрупуваат долгови и лоши финансиски одлуки, а неговата потреба да го одржи привидот на благосостојба постепено го вовлекува во сè поопасни ситуации.

Приказната е инспирирана од вистински случај од Монтреал во 2012 година, поврзан со инженерот Чихеб Батих, семеен човек со пет деца по потекло од Тунис. Заглавен во долгови по ризични финансиски потези, тој се обидел да организира киднапирање на внукот на милијардер со цел да се извлече од финансискиот колапс. Грабнувањето не било успешно - откако употребил „електрошокер“ врз таткото за да го одземе детето, овој сепак се освестил и со помош на минувачи го совладал киднаперот. Но самиот план станал основа за филмската фикција. Денис ја менува приказната и го создава Насер – имигрант, сопруг и татко, човек кој не сака да се помири со животот што го има, па во очајот замислува киднапирање со откуп во биткоини. Филмот сепак не е толку заинтересиран за криминалистичката интрига колку за психолошкото „излизгување“ на главниот лик. Насер не е прикажан како некој што одеднаш станува злосторник, туку како човек чии мали отстапки, самооправдувања и обиди да поправи една грешка со друга постепено го оддалечуваат од моралните граници што дотогаш ги почитувал.

Највознемирувачко во филмот е тоа што Насеровата желба не произлегува од вистинска егзистенцијална нужда. Тој има дом, сопруга, деца, работа и луѓе што го сакаат, но сето тоа му изгледа недоволно затоа што постојано се споредува со оние што имаат повеќе. Особено е привлечен од ликот на богаташот Бен Новак, кој од скромно потекло стигнал до милионерски статус и за Насер станува доказ дека и тој може да го направи истото. Особено се впечатливи визуелни финти со кои режисерот постепено ја менува и визуелната перспектива, користејќи извртувања на кадарот кога размислувањето на главниот лик станува сè понестабилно. 

„Цената на рајот“, во моментов достапен на ХБО, е паметен филм, кој успева да постави прашање што е многу пошироко од приказната за едне човек заглавен во долгови - колку е доволно и колку е доста?

Илина, Букбокс

14 ноември 2026 - 10:38