Џон Боанон, во текстот под наслов „Кој се плаши од рецензенти?", ја открива неговата смислена измама, чија цел била разоткривање на отсуството на критериуми за објавување во голем број научни списанија со отворен/слободен пристап. Тие, имено, со оглед на тоа што не се финансираат од претплата, мораат да ги наплатат услугите на уредувањето и рецензирањето на текстот. Кај некои од нив тоа е и првата, и последната фаза од прифаќањето на одреден текст, кој како што покажавме во еден претходен пример, може да биде и чиста глупост.
Новинарот на Science во склоп на нешто што се нарекува „истражувачко новинарство" на адреси на повеќе од 300 вакви списанија испратил „научен" текст кој содржи грешки, кои би требало да му бидат очигледни на секој рецензент со основно познавање на хемија и методологија на презентација на истражувачки резултати. Во случајот се работи за лабораториски наоди од испитување на некаков вид лишај, кој според текстот гарантирано лечи рак.
Иако трудот бил безнадежно лош, поголемиот број списанија прифатиле да го објават, без поголеми промени. Меѓу нив, како што пишува Јутарњи лист, имало и неколку списанија од бивша Југославија, и тоа од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија. Со еден исклучок (БиХ), сите други списанија го прифатиле и објавиле.
Повеќето од уредниците на кои Jутарњи им се обратил за коментар не одговориле. Но д-р Мирко Спироски, од Медицинскиот факултет во Скопје кој е уредник на Macedonian Journal of Medical Sciences, списанието кое го објавило текстот, изјавил дека со овој труд „постапиле вообичаено". Одбрале дури десет рецензенти, но откако тие не им одговориле, заради недостапност или презафатеност, но и под притисок на авторот на трудот, на крај одлучиле да го објават врз основа на само една рецензија која меѓу другото вели: „Одличен труд. Многу интересна идеја која може да биде револуцинерна во лечењето".
„Мене ми е многу непријатно што сме донеле позитивна одлука, но нашето списание не е специјализирано туку ја третира медицината во поширока смисла, а целиот редакциски одбор, па и рецензентите, не се специјализирани за ова подрачје", рекол Спироски, нагласувајќи дека од вкупно примени 425 текстови за минатите 5 години, тие одбиле 151, односно 35,5 отсто.
Д-р Спировски и покрај сите огради, ја нагласува наводната неетичност на новинарот, кој на ваков, илеџиски начин, се обидува да докаже трулост на еден процес, во кој рецензирањето е само мал дел. Ако добро сфативме, пораката е: неетичното не се избива со неетичност. Или?
А про по етичноста, хрватското списание International Journal of Integrative Medicine го згаснала списанието еден ден откако е објавен новинарскиот текст. Изјавата од управата била: „Ова беше проект зачнат со идеја да се понудат високо квалитетни научни статии со отворен пристап. Но системот кој го воспоставивме во овој случај се покажа недоволен и површен. Ја признаваме големата грешка на нашите надворешни соработници кои имале (тоа е сега јасно) преголема независност во работата на база на професионалната доверба. Заради тоа одлучивме да го прекинеме издавањето на списанието, и со тој чин да ја заштитиме меѓународната научна заедница и сите наши соработници. На авторите ќе им ги рефундираме надоместоците за објавување на текстовите".
Едно е јасно: приморани да објавуваат научни статии за да се одржат или да напредуваат во професијата, заради фактори кои често немаат директна врска со квалитетот туку со ограниченоста на ресурси за истражување, пристапот до нова литература, познанства во академските кругови (да, и тоа е важно), (не)придржувањето кон доминантните истражувачки парадигми (кон она што во моментот е тренди, што минува), членовите на академската заедница мораат да се снаоѓаат, и да објавуваат онаму кадешто нивните текстови (и пари) се добредојдени. Дали притоа списанието има или нема критериум секако влијае врз целосниот ефект, но тоа не значи дека буквално секој труд во него е тотална бесмислица. Ваквите експерименти како овој на новинарот од Science оттаму не го толкуваме како исмејување на научниот труд воопшто, туку само укажување на обврската која треба да си ја вршат сите научни списанија, без оглед дали се со претплата или со слободен пристап - строгата проверка на она што е напишано, без оглед дали се работи за лишај кој лечи рак, или „Евалуација на трансформативните херменеутички хеуристики за процесирање на случајни податоци". Обете можат лесно да го зашеметат умот, па раката сама да напише позитивна рецензија.